Захариева ја обвини македонската страна дека го прекршила Договорот заради изборите

„Нашата соседка треба да надмине редица стереотипи за да тргне по патот на приклучување во ЕУ“ порача денеска шефицата на бугарската дипломатија – Екатерина Захариева, од бугарскиот парламент, каде главна тема беа „бугарско-северномакедонските“ (како што пренесува бугарската БГНЕС) односи.

Захариева истакна дека од средбите на специјалниот претставник на Владата на РСМ – Владо Бучковски, уште еднаш се потврдило дека бугарскиот државен врв и бугарската политика имаат обединет став по ова прашање. Таа потсети дека тоа им било потврдено на пријателите и соседите од Скопје уште пред една година, со Рамковната позиција одобрена од бугарското Народно собрание. Сепак, според Захариева, Бугарија имала замерки за неисполнувањето или недоволното исполнување на Договорот за добрососедство и порано, а тоа било посочено и на низа билатерални средби.

Објаснувајќи ја уште еднаш позицијата на Бугарија за „неможност да даде согласност за преговарачката рамка“ пред бугарските пратеници, министерката за надворешни работи истакна дека главната причина е неисполнување на Договорот од 2017 година. Во тој договор, рече, има јасни одредби за заедничката Комисија за историски прашања, потоа за „говорот на омраза“, но и еднострана обврска од македонска страна за немање никакви претензии за, како што рече, „таканареченото македонско малцинство“ во Бугарија.

Најочигледното прекршување на Договорот, рече Захариева,„е едностраното прекинување на работата на Заедничката комисија за историски прашања, од страна на Скопје, со аргумент дека идат избори.

„Таа Комисија беше создадена токму за да не се политизираат отворените прашања во однос на историјата и да се остават на мир специјалистите во областа да изнајдат текстови и да се договорат за промената на учебните програми. За жал, едностраното запирање, и тоа со аргумент ‘идат избори’, означува дека работата на Комисијата се политизира од другата страна. Бугарија минатата година двапати имаше избори и во ниту еден случај дури не ни помисливме да им предложиме на нашите членови на Комисијата да ја запрат нејзината работа. Но не само тоа, бугарската влада на никој начин не се меша во работата на таа комисија“, рече Захариева.

Прочитајте и:  Не стивнуваат реакциите на бугарските политичари по изјавата на Николовски – се бара извинување и оставка на министерот

„Има неисполнување по однос на говорот на омраза, тоа не е само од сега, има забавено исполнување во однос на инфраструктурните проекти – што е нешто многу важно, и така натака“, додаде таа. „Жалиме што во периодот од усвојувањето на Рамковната позиција од минатата година и двостраното заседание на комисијата за исполнување на Договорот меѓу владите, Република Северна Македонија не презема речиси никакви чекори да започне да го исполнува договорот. Напротив, во државата се разви вистинска антибугарска хистерија, која беше доста силна и кога Народното собрание ја усвои рамковната позиција. Продолжија да се надеваат дека Бугарија уште еднаш ќе замижи пред она што се случува таму или дека ќе продолжи да биде исклучително добронамерна, иако ние и сега сме такви. Се палеа бугарски знамиња, се уништија бугарски споменици, вклучително и неполитички. Се ширеа списоци на лица со бугарско самоопределба, со бугарско државјанство, имаше повици за насилство итн. За нас, овие се доволни примери дека нашата соседка треба да надмине редица стереотипи за да може да тргне сигурно по патот на пристапување. Државата која не си ги исполнува договорите, наместо да ја прифати нашата подадена рака, навистина вложи многу напори во тоа да ја искриви позицијата на Бугарија“.

 

- Реклама -