Над 75 илјади македонски државјани „признале“ дека се Бугари во последните 10 години

„Во последните 10 години, од 1 јануари 2010 до 22 октомври 2020 година, врз основа на поднесени молби од граѓани на Република Северна Македонија и приложените кон нив документи, се формирани вкупно 77.829 досиеја за добивање на бугарско државјанство. Сите се на основа на бугарско потекло“, пренесува бугарската БГНЕС.

Овие податоци денеска ги соопшти бугарската министерка за правда Десислава Ахладова, како одговор на пратеничко прашање на Христо Гаџев од БСП.

Ахладова прецизираше дека дирекцијата „Бугарско државјанство“ при Министерството за правда спроведува интервјуа со барателите и ги формира досиејата врз основа на молбите и апликациите. Како што истакна таа, бројот на барања варира во секоја од десетте години во наведениот период. Вкупно земено, 73.324 досиеја резултирале со предлог од Советот за државјанство до потпретседателот за издавање на указ за доделување на бугарско државјанство.

- Реклама -