Влада: Бучковски е почитуван во Бугарија и има позитивни перцепции за неговите политики

„Владо Бучковски е одличен познавач на македонско-бугарските односи, почитуван е од бугарските општествени и политички чинители, има добри контакти со Бугарија и добро е примен во тамошната јавност – има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрувањето на односите со соседска Бугарија“ – ова се критериумите според кои Владата го именува Бучковски за специјален претставник за Бугарија, соопшти владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање. Како што рече Арсовски, ангажирањето на Бучковски треба да придонесе до позитивна атмосфера за надминување на проблемот.

Во однос на интервјуто на бугарскиот премиер Бојко Борисов за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (FAZ) и неговата изјава дека во Бугарија не постои македонско малцинство, Арсовски посочи дека Владата нема да се меша во внатрешните работи на нашите соседи, бидејќи тоа ѝ е обврска според Уставот, но и одговорност преземена со Договорот за добрососедство од 2017 година (член 11 точка 5), на којшто, потенцираше, Владата е целосно посветена.

Во однос на изјавата на Борисов во истото тоа интервју дека Македонците се преобратени Бугари, Арсовски само повтори дека „Македонскиот народ и јазик се неспорен факт. Имаме неприкосновено право на самоопределување, никој не го спори тоа, дури ни Бугарија, и ќе станеме дел од ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик“.

Во однос на тековните преговори меѓу работните групи и таканаречениот „патоказ за спроведување на Договорот“ кој го споменуваат високите претставници на двете држави, како и опасноста од неговото вклучување во преговарачката рамка, на што според „Македонско радио“ предупредуваат и дипломати од ЕУ, Арсовски „објасни“:

„Се разговара за сите загрижености и дилеми што Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката во спроведувањето на Договорот, како да се забрза изградбата Коридорот 8, како да запре говорот на омраза, на кој начин да се забрза работата на историската комисија. Сѐ ова е во насока на воспоставување на доверба во процесот. Договорот е сериозен документ и нема потреба од нов договор и од анекс. Сѐ што има потреба да е направи е да се дообјасни и да се детализира во некој придружен документ. Во таа насока е и патоказот, тоа е една идеја којашто е во насока на зајакнување на довербата во ефикасноста и функционалноста на Договорот од 2017-та. Така што, Владата смета дека тој план треба да се однесува на динамиката на билатералниот договор, надвор од преговарачката рамка“, рече портпаролот на Владата.

- Реклама -