Каракачанов го пофали Заев: Призна дека историјата е заедничка, уште да прецизираме дека е бугарска

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, го поздрави премиерот Зоран Заев за неговите ставови изразени во интервјуто за бугарската БГНЕС, во кое, како што вели, го потврдува постоењето на македонски идентитет и јазик, но и ја признава заедничката историја со Бугарија.

„Собра една храброст поради која го критикуваат некои негови опоненти. Тоа е мал чекор во правата насока. Ако така со брзи чекори се ита напред, мислам дека веќе следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес“, изјави Каракачанов.

Сепак, тој потенцираше дека веќе не преферира да верува на зборови и интервјуа, туку на дела:

„До пред два месеца, нештата кои тој ги кажува за заедничката историја и за некои заеднички херои беше незамисливо да ги чуеме. Чекор напред. Историјата е заедничка, но треба да прецизираме каква. Таа е заедничка, но е бугарска историја“, рече бугарскиот министер за одбрана.

Тој додаде дека сака јасна гаранција за тоа како ќе се промени образовниот систем во Северна Македонија:

„И кога – со рокови, зашто самиот преговарачки процес е долг. Тој може да трае и 10 години. За да дадеме согласност тој да започне, меѓутоа, ние сакаме писмен план, сакаме патна карта. Сакаме многу јасно тој услов да влезе во договорот со ЕУ и да е јасно дека ние во секое време можеме да го сопреме тој процес ако договорот меѓу Бугарија и Македонија не се исполнува од нивна страна“.

Според него, чекорот што ѝ преостанува на Бугарија е храбро да си ги заштитува интересите:

„Станува збор за бугарски национален интерес. Ние можеби сме помала држава во ЕУ, но имаме свое достоинство и имаме право да го браниме. Тоа треба да го прави Бугарија, да си ги браниме интересите“, заклучи Каракачанов.

Извор: БТВновините

- Реклама -