„ …Одеднаш, истиот Заев, кому до пред малку со ‘клешти’ му ги вадев зборовите во надеж дека ќе извлечам нешто ‘за наслов’, почнува да реди наслови како машините во старите, добри новинарски печатници“ – вака новинарот Борис Георгиевски ја опишува промената на расположението на премиерот Зоран Заев во интервјуто за „Дојче веле“, кога на крајот на нивниот речиси едночасовен разговор го прашал за идејата за легализација на марихуаната.
Се работи за дел од поширок економски пакет од кој Владата има големи очекувања, посочува Заев, а на забелешката на новинарот дека звучи како „Скопје да ќе го прави Амстердам“, тој радо прифаќа „А зошто да не!“.
„Целта е токму тоа. Да биде контролирано како во Амстердам и многу други градови во светот. Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и Скопје, кафулињата постојни и нови, со почитување на одредени стандарди – вентилација, доказ за потекло на марихуаната и сл., да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив“, вели Заев во интервјуто, потенцирајќи дека стандардите ќе бидат исти за сите и секој ќе може да аплицира.
„Верувам, за мала земја, тоа може да донесе сериозен развој за угостителството и туризмот, имајќи ги посебно предвид нашите прекрасни туристички места: Струга, Охрид, Ресен, Дојран, Скопје, Берово, Маврово и сите други места”, образложува премиерот. Целиот текст/видеото, на следниов ЛИНК.