Димитров открива: Бугарските историчари ги отфрлаа извештаите во кои се појавуваше придавката „македонски“

Заедничката комисија на историчари со Бугарија ќе продолжи со работата. Тие повторно ќе се состанат во декември, а се закажани и пет средби во текот на следната година. Меѓутоа, „постојат различни гледишта“, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју за австриски „Дер Стандард“, прашан за заедничката комисија и шансите за тоа историските прашања, кои Бугарија ги преточи во вето, повторно да се дебатираат меѓу историчарите, а не меѓу политичарите.

Спротивно на бугарскиот државен врв и другите бугарски претставници, кои тврдат дека Македонија унилатерално ја запрела нејзината работа, Димитров потенцира дека улога имале и околностите, но пресудна била самата бугарска политика:

„Пред нашите предвремени избори предложивме Комисијата да продолжи да работи онлајн. Но, во Софија не мислеа така. Политичката декларација во бугарскиот парламент делумно ја спречи и работата на Комисијата. Бидејќи бугарските историчари ги отфрлуваа оние извештаи во кои се појавуваше придавката ‘македонски’. И така ова прашање на идентитет стана пречка во работата на Комисијата“, открива Димитров во интервјуто.

- Реклама -