СДСМ: Мицкоски, Вело Марковски и ВМРО-ДПМНЕ прават огромна штета врз здравствениот систем

ВМРО-ДПМНЕ се најголема закана и опасност за здравјето на граѓаните, a послушникот на Христијан Мицкоски – Вело Марковски, создава заблуда кај граѓаните во врска со опасноста од коронавирусот и истовремено ги поткопува сите напори за справување со кризата, обвинуваат од СДСМ.

За СДСМ е скандалозна најавата на инфектологот Марковски дека на Уставен суд ќе ја оспори мерката за носење заштитна маска на отворено со образложение дека било опасно по здравјето. Со ова, Маркоски застанува директно против препораката на СЗО за носење маска на отворено, која се применува во огромен број земји во светот, велат од владејачката партија.

„Марковски го доведе во прашање и постоењето на вирусот, бидејќи според него за скоро ниту еден починат нема научен доказ дека причината за смртта е ковид.

Ги нападна и своите колеги лекари, кои деноноќно речиси девет месеци се борат со пандемијата, и им порача дека не треба да им даваат антибиотици на заболените, но и дека во последно време сите што починале имале бактериски пневмонии.

Повторно пред граѓаните ја истакна својата контрадикторност. Од една страна се залага за шведскиот модел за колективен имунитет и вели ‘дај боже повеќе да се разболат’, а од друга, смета дека треба да се заострат мерките ако се оптовари здравствениот системот за да му се даде ‘одихочка’.

Не се знае во ВМРО-ДПМНЕ кој е поголема катастрофа, дали Мицкоски дали Марковски“, порачуваат од СДСМ.

Од почеток на ковид-кризата во земјата, од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски граѓаните не видоа ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата, обвинуваат тие.

„Додека илјадници семејства се борат против коронавирусот, ВМРО-ДПМНЕ починатите и заболените ги сведе на статистика и бројка, за да прави настани и перформанси со кои ги злоупотребува во дневнопартиски цели.

Со таквото неодговорно однесување, ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Марковски остануваат најголема закана за јавното здравје“, тврди владејачката партија.

 

- Реклама -