Шекеринска за Каракачанов: Помина времето кога таквите изјави на министри за одбрана некој ги смета за сериозни

„Помина времето кога министри за одбрана од нашиот регион можеа да даваат такви изјави, а некој да ги смета за сериозни. Бугарија е членка на НАТО и ние сме членка на НАТО и ова не е начин на кој комуницираат или треба да комуницираат членки на Алијансата“, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска, прашана да ја коментира изјавата на бугарскиот колега Красимир Каракачанов, кој во радио емисија изјави дека ќе прател инженерски полк да руши споменици во Македонија.

„Ние ќе продолжиме да ги испраќаме истите пораки коишто сме ги испраќале и изминативе години, а тоа е дека нашите граѓани нѐ плаќаат за да им обезбедиме безбедност“, рече Шекеринска, додавајќи дека таа безбедност зависи од добрососедските односи.

„Затоа очекуваме Бугарија, која што беше една од државите во регионот којашто од самиот почеток ја поддржа нашата независност, но и нашето членство во НАТО и во ЕУ, тоа да го прави и сега. Бидејќи пријателските народи – македонскиот и бугарскиот, можат да одат напред само ако меѓусебно се поддржуваат. Македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговори, ниту препукувања, нема да ја сменат таа реалност. Меѓутоа, можеме да направиме подобра иднина за нашите народи и можеме да создадеме повеќе шанси за нашите млади. Ние така ја гледаме нашата задача“, изјави министерката за одбрана.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

Прашана дали ќе побара некаква реакција од НАТО алијансата, таа ја повтори истата реченица – дека ваквите изјави не можат да се сметаат за сериозни и не се начин на комуникација меѓу НАТО сојузници.

- Реклама -