Груби: Владата ќе субвенционира приватни компании кои вработуваат Албанци и други помали етнички заедници

Владата ќе ги субвенционира приватните компании кои ќе вработат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници, најави првиот вицепремиер Артан Груби вo вчерашното гостување во дебатниот магазин „Click Plus“ на „ТВ21“. Како што рече, мерката Владата ќе ја разгледува во следниот период.

„Доколку приватни компании вработуваат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници, ќе ја разгледаме можноста да ги субвенционираме овие компании. Сите компании кои ќе ја запазат правичната застапеност ќе бидат помогнати од Владата“, рече Груби.

Нешто слично најавуваше и лидерот на ДПА – Мендух Тачи, во предизборниот период. Според него, 50% од финансиите што ги инкасираат Македонски Телеком, ЕВН и други претпријатија – доаѓаат од Албанци, а Албанците во нив се застапени со симболични 2% или 3%, а речиси и воопшто да ги нема на раководните функции. Ова, како што истакна тогаш во емисијата „Изборни дебати“ на „ТВ21“, е проблем кој треба да се реши со закон со обрзувачка сила. Предлог за таков закон вети во првите 100 дена по изборите:

„На крајот од првите 100 дена – носење на посебен закон кој ќе го предложиме до Парламентот со кој ќе ги обврземе сите компании и приватни претпријатија, акционерските друштва – во странскиот капитал кој го инвестираат во Македонија, односно во нивните бизниси, да го рефлектираат процентот од населението каде се врши инвестицијата, како во вработување, така и на раководните функции. Значи, Македонски Телеком, ЕВН и други инкасираат финансиски средства од Албанците, според моите проценки, над 50%, а бројот на вработените во Мобимак и ЕВН е симболичен – 2 или 3%, додека речиси воопшто и да не постојат раководни позиции“, рече тогаш Тачи.

Во рамки на вчерашната дебата беше начнато и прашањето за родовата еднаквост, при што Груби оцени дека е направена грешка со тоа што ниту една жена од ДУИ не е дел од новата Влада.

 

- Реклама -