Героски до Заев: Да ни се извиниш што јадеме грешен ајвар, другар ПВРСМ

„Во ред, другар ПВРСМ. Во право си. Законот треба да се почитува. Законот важи за сите. И за тебе. Па затоа ти предлагам да ни дадеш личен пример и сега прв да се соочиш со законот“, му пишува новинарот Бранко Героски во новата, малку поразлична и доста забавна колумна, на премиерот Зоран Заев.

Имено, како што открил Героски повикувајќи се на фотографии од порталот „ДоказМ“, ајварот „Мамас“, за кој е општо познато дека е производ на една од фирмите на Заев, во Германија се продава со ознака дека е произведен во „Република Македонија“ (Republik Mazedonien), додека на домашниот пазар се продава со ознака дека е произведен во „Р. Северна Македонија“.

„Значи, Германците јадат ајвар Мамас произведен во Република Македонија, а Македонците јадат ајвар Мамас произведен во Република Северна Македонија! Е како така, другар ПВРСМ Зоран Заев?“, прашува Героски, па додава:

„Јас мислам дека овде некој закон, некој пропис, ќе да е прекршен. И мислам дека и на германскиот Мамас би требало да пишува Nordmazedonien. Ако веќе македонските производи треба да се декларираат дека се произведени во РСМ. И кога веќе другарот Заев се отепа повторувајќи ‘Северна Македонија’, кога треба и кога не треба…

А можеби и грешам. Можеби ниту еден пропис не е прекршен. Можеби и нема таков пропис. Ако е така, другар ПВРСМ Зоран Заев, би сакал да ми укажеш на грешката, а јас јавно ќе ти се извинам и ќе ја објавам радосната вест дека од сега сите македонски производи, дома и во странство, може слободно да се декларираат дека се произведени во Република Македонија. Во Republic of Macedonia. Во Republik Mazedonien“, ироничен е Героски.

„Но ако не е така, другар Заев, јас ќе те замолам ти убаво да ни се извиниш на сите што јадеме згрешен ајвар, потоа да им се извиниш и на Германците што јадат згрешен ајвар, а на крајот да им се извиниш и на Грците, бидејќи оваа промена со имињата произлегува од Преспанскиот договор. После треба да ја исправиш грешката и за тоа да ја информираш јавноста…“, му порачува новинарот на премиерот Зоран Заев, меѓу другото. Целата колумна прочитајте ја ТУКА.

- Реклама -