Во пожарот што утрово ја зафати архивата и дел од канцелариите на на Инспекторатот за животна средина, изгорела целата документација, вели директорот Фејзула Спахија во изјава за „360 степени“.
Според него, причинета е огромна штета и единствено неговата канцеларија не е уништена. Прашање е дали се зачувани макар и последните предмети кои се наоѓале кај инспекторите, вели Спахија, бидејќи и таму пожарникарите интервенирале со вода и не се знае што е зачувано од компјутерите.
Пожарот бил пријавен утрово во 6:50 часот, во старата зграда на „Комерцијална банка“ на кејот „Димитар Влахов“ во центарот на Скопје, каде покрај канцелариите на Инспекторатот за животна средина, се сместени и Секретаријатот за европски прашања и Медиумската Информативна Агенција (МИА). Во пожарот нема повредени бидејќи просториите во тој момент биле празни, со оглед дека вработените почнуваат со работа во 8:30 часот.
Според командантот на противпожарната бригада на Град Скопје – Владимир Симоновски, пожарникарите пристигнале 5 минути по пријавата, а во гаснењето на пожарот учествувале 9 противпожарни возила и 24 пожарникари. Пожарот бил локализиран во 8:45 минути, а го зафатил само првиот кат од зградата каде што е сместен Државниот инспекторат за животна средина.
При гаснењето на пожарот интервенирала и Брзата помош кога еден од пожарникарите почнал да се задушува. Тој е во добра и стабилна состојба.
Како што истакна Симоновски, станувало збор за сложена операција, а првите проблеми им ги причинила добрата околност што во тој момент немало никој на работа. Имено, пожарникарите не знаеле како да влезат во зградата, а шемите за влез од предната и задната врата ги добиле од вработените на МИА кои на работа пристигнале по нивното доаѓање.
Главниот проблем, меѓутоа, претставувал фактот што зградата внатре е преградена со повеќе ходници, гипс-каротни и стаклени врати, а притоа не работел ниту еден хидрант и ниту една хидрантска мрежа во објектот.
„Тоа ни создаде поголеми проблеми бидејќи не можевме да го затвориме пожарот од внатрешната страна, па мораше преку надворешната страна да влеземе со кршење на прозорците“, објаснува Симоновски за „360 степени“.
Според него, причината за избувнување на пожарот најверојатно е дотраената електрична инсталација. Директорот Спахија не верува дека пожарот е подметнат.
Во надлежност на Инспекторатот, меѓу другото, е и контролата на уредувањето на речните корита, хидроцентралите, индустриските капацитети, како и увозот на отпад – теми и области за кои континуирано има жестоки реакции во јавноста. Инспекторите ги вршат контролите на терен и можат во секој момент да ја побараат неопходната документација од правното лице, потсетува порталот.
ФОТО: „МКД.мк“ / Целата галерија можете да ја погледнете ТУКА.