Димитров и Османи не очекуваат сопки од Бугарија кон ЕУ, ама „нема да биде лесно“

Новиот министер за надворешни работи – Бујар Османи, и новиот вицепремиер за европски прашања – Никола Димитров, на денешната заедничка прес-конференција по примопредавањето на функциите, рекоа дека не очекуваат Бугарија да ги блокира преговорите на Македонија за членство во Европската унија, бидејќи Бугарија (или било која друга земја) нема што да добие од евентуалното комплицирање на европската иднина на земјава.

Во таа насока, Димитров потсети дека Бугарија и самата, во улога на претседавач со ЕУ, со Самитот во Софија, имала голема улога токму во отворањето на Европа и враќањето на проширувањето високо на агендата на ЕУ. Османи, пак, потсети дека  иако Бугарија имала унилатерална забелешка на состанокот на Европскиот Совет, тие сепак дале согласност за одлуката за отпочнување преговори со ЕУ.

 

Сепак, најави Димитров, тој и Османи ќе имаат комплементарност во однос на ова прашање, бидејќи, како што рече, тоа ги тангира и меѓусоседските односи, и европската иднина на државата. Според Димитров, заедничкиот став е дека прашањето на самоизјаснување и самоопределување во однос на македонскиот народ и Македонци кои зборуваат македонски јазик не може да биде во спротивност со Европската Унија, која почива на европските вредности меѓу кои и богатството на различностите и правото на самоопределување.

„Македонскиот јазик е наша работа и за нас тоа прашање е затворено, посебно по финализирањето на личната карта на државата во Обединетите нации. Во овие рамки ќе бараме мудрост и упорност и во надминување на сите прашања со соседна Бугарија. Нема да биде лесно, мислам дека мора да бидеме искрени, проблемот претставува голем предизвик, но покажавме дека не се плашиме од предизвици, ќе се соочиме искрено, директно, знаејќи каков е влогот и што треба да заштитиме во смисла на националниот интерес“, рече Димитров.

„Во однос на преговарачката рамка и односите со Бугарија сметам дека стабилна и перспективна Северна Македонија е предуслов за стабилен и перспективен европски регион и тоа е во интерес на сите земји во регионот вклучувајќи ја и Бугарија. Тие тоа го поажаа на самитот на Советот во март, кога покрај унилатералната забелешка сепак дадаоа пас за одлуката за започнување преговори. Мислам дека двете земји имаа доволно аспирациски капацитет да решаваат дневни амплитуди на разлики и во прашањата кои ги има спорот, меѓутоа во однос на стратешките линии дека не смее да се закочи европскиот пат на државата, тука имаме согласност“, рече Османи.

- Реклама -