Левица бара итна седница и Ангеловска и Бежоска да одговараат пред пратениците за депозитот во Еуростандард банка

Пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов, согласно Деловникот, денеска до претседателот на Собранието – Талат Џафери, упатиле официјално писмено Известување со барање за свикување итна (посебна) седница за поставување пратенички прашања, на која ќе биде обезбедено задолжително присуство на Министерката за финансии – Нина Ангеловска, и на Гувернерката на Народната Банка на РМ – Анита Ангеловска-Бежовска, информираат од Левица.

Како што објаснуваат од партијата, ваквата специјална седница, според Деловникот, е предвидено да се одржува секој последен четврток во месецот, а утре е последниот четврток во тековниот месец август (27.08.2020) и воедно последна шанса за поставување пратенички прашања на министрите од техничката преодна Влада на РМ во заминување.

Како што велат од Левица, нивните пратеници планираат на оваа седница да го отворат „контроверзното прашање за пропаста на Еуростандард банка во стечај и тргувањето со
инсајдерски информации од страна на актуелни функционери на штета на граѓаните и јавниот интерес“, поради што и бараат да присуствуваат досегашната министерка за финансии и гувернерката на Народната банка.

Апасиев и Крмов бараат Џафери итно свикување на седницата за, како што велат, да би се овозможил уставниот принцип на парламентарна контрола на законодавната врз извршната власт.

- Реклама -