Новинарот Јанески ја искара Ангеловска: „Одговорност. Одговорност е тоа што ни треба во земјава“

Новинарот и ТВ уредник – Огнен Јанески, во статус објавен на Фејсбук, силно ја критикуваше министерката за финансии Нина Ангеловска за, како што вели, ароганцијата и елитизмот во односот кон јавноста, затоа што не излегла „пред народот“ достојно да образложи околу нејзиниот депозит во „Еуростандард банка“.

„Одговорност. Одговорност е тоа што ни треба во земјава. Да министеруваш, значи да си во служба на народот. Да излезеш достојно да образложиш, кога си ставен во дискредитирачка ситуација“, порачува Јанески во постот.

Ангеловска на двапати демантираше дека го подигнала преостанатиот дел од депозитот врз основа на инсајдерска информација – првпат пред пет дена, преку штуро соопштение на Министерството за финансии, преку кое порача дека „сите промени на имотната состојба се уредно пријавени во анкетниот лист“, и вторпат вчера, повторно преку соопштение бидејќи била на пат, но овојпат нешто подетално, во кое Ангеловска објасни дека дел од депозитот инвестирала уште минатата година, а останатиот го извадила за да си купи стан.

Јанески, меѓутоа, не е задоволен:

„Да си млада, образована, надежна, амбициозна, претставничка на сè што треба да биде иднината, и за неполна година да се сведеш на Бонева-стил ‘не сам знајала’ е дилетантизам и недораснатост. Уште пострашно за нашето општество е кога свесното веќе прераснало во несвесно. Да добиеш толку одговорна министерска позиција, да бидеш горда што си првата ем жена – ем млада на позицијата… греој! Да си рушачка на стереотипи и да се фрлиш во нивната жабокречина толку брзо. Па тоа арогантни соопштенија, наместо излегување на прес.

Драга министерке, исто колку што е потребно време за скенирање фискална, толку е потребно време и за давање кратка изјава на медиуми, која не е пишана форма.

Ароганцијата и елитизмот ќе ве уништат. Како и секогаш претходно во изминатите 30 години“, ѝ порача Јанески.

Во својот Фејсбук статус, новинарот потсети и на изјавата на екс-гувернерот на Народна банка – Петар Гошев, кој во интервју за „ТВ24“ посочи дека Ангеловска, како членка на Комитетот за финансиска стабилност, имала увид во состојбата во финансискиот сектор во државата, а со тоа и увид што се случува во банкарскиот систем.

„Ако нема кривично дело врз основа на закон, во секој случај овде има голем, голем етички проблем од страна на министерката“, констатираше Гошев.

- Реклама -