Единствено што е точно од информациите што се лиферуваат во јавноста за депозитот во „Еуростандард банка“ – е тоа што имала депозит во банката, тврди министерката за финансии – Нина Ангеловска, која демантира и дека ги повлекла средствата или ги префрлила во други банки, и дека тоа го сторила затоа што имала инсајдерски информации дека банката ќе оди во стечај, но ги демантира и сумите за кои се зборува во медиумите.
Ангеловска тврди дека повеќе од половина од депозитот го инвестирала во инвестициски фонд уште минатата година, а дел од преостанатиот депозит го искористила да го реши станбеното прашање:
„Вистината е дека пред стапување на функцијата Министер за финансии, овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции. По стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан, со оглед на тоа што живеев под кирија“, вели Ангеловска.
Таа потсети и дека во периодот кога го купила споменатиот стан, исто така во јавноста биле пласирани тенденциозни и неточни информации дека наводно не го пријавила станот во Антикорупциска комисија, за што тврди дека не е точно:
„Истиот беше уредно пријавен, согласно законските прописи и рокови, што беше потврдено и од страна на Антикорупциската комисија“, вели Ангеловска.
Во соопштението, таа потенцира и дека Министерството за финансии нема надлежност над работењето на банките и ниту дава, ниту одзема дозволи за работа. Единствена надлежна, како независно регулаторно и надзорно тело, е Народната банка, додава министерката.
Тенденциозни информации, оценува Ангеловска, се обид за дефокусирање на јавноста преку нејзино лично дискредитирање и нарушување на нејзиниот углед:
„Цврсто сум убедена дека и овојпат јавноста ќе ги препознае фактите наспроти лажните вести што се пласираат со цел да се креира погрешна перцепција“, порача министерката.