Основното јавно обвинителство Скопје по пристигнато известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи отвори предмет за статус на социјалната мрежа Фејсбук, објавен од лидер на политичка партија.
Како што информираат од Обвинителството, за истото лице истовремено пристигнале уште две кривични пријави, поднесени од здружението на граѓани Хелсиншки комитет за човекови права и две физички лица, а се однесуваат на друг статус објавен на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.
По оформување на предметот, Обвинителството издало наредби за електронско документирање на сите спорни статуси од социјалните мрежи кои ги објавил пријавениот, до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.
Исто така, со цел утврдување на фактите, надлежниот јавен обвинител го повикал пријавеното лице да даде исказ во обвинителството.
„Лидерот на политичка партија“ е Димитар Апасиев – претседателот на Левица. Неговиот Фејсбук статус објавен откако стана извесно дека ќе биде пратеник, предизвика многу реакции во јавноста, вклучително и од СДСМ, кои го обвинија за „говop на омpaза“ и „повикување на линч на неистомисленици“.
Апасиев, меѓутоа, не делува вознемирен од реакциите. На вчерашната прес-конференција на Левица, на која обвини дека им се украдени три пратенички места, прашан на кого мислел кога го напишал статусот, Апасиев ладнокрвно одговори: „Па сите, како што пишува“:
Апасиев инстантно се огласи и по соопштението на Обвинителството дека отвора предмет за неговите статуси:
„А бе, уше нога у Собрание не пуштивме, одма со тepop, а? 🙂
Хихихии. Срцки соросписки. Ја у политика сум нов, али у право сум ПРОФЕСОР. Немој мене со овие кypшуми.
p.s. Никој не ме повикал нигде. Ако ме повика, ќе идам со задоволство и пак ќе ги победиме.
#ДржаватаЗаНародот #ЛевицаВоПарламент “, порача тој.
Во меѓувреме, Апасиев продолжува да испраќа пораки дека ќе предводи нова ера во политиката. Вчера, исто така преку Фејсбук, лидерот на Левица порача дека „ќе го отворат Собранието како пупка“, а денес испрати порака до колегите пратеници дека ќе ги натераат да го сменат Донтовиот модел на распределување пратеничките мандати, кој несразмерно оди во прилог на големите партии на сметка на малите.