Нови „бомби“ за Мицкоски, го снимале Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ?

И на последниот ден од изборната кампања, продолжува објавувањето нелегално снимени разговори. На Јутјуб каналот „Обнова на режимот“ денеска се објавени четири нови снимки, но овојпат не се работи за прислушкувани разговори од оние чиј таргет беше владата на Груевски, туку за снимки од, се чини, партиски состаноци, на кои присуствувале и пратениците од тн. Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно осумте пратеници кои беа исклучени од партијата бидејќи гласаа за уставните измени од Преспанскиот договор и со тоа за промена на името на државата. Квалитетот на снимките сугерира дека се снимени од лице или лица кои присуствувале на состаноците.

Во првиот разговор, Мицкоски зборува за Законот за јавно обвинителство, за кого вели дека е „трета, но не помалку важна активност, а можеби и најважна“. Мицкоски вели:

„На комплетно нелегален начин ги префрлија предметите таму каде што ги префрлија и тоа за нив беше сосема доволно за да продолжат политичките притисоци, уцени, закани врз политички неистомисленици. И они немаат желба понатаму да има решение по закон, и ете, фингираат преговори пред меѓународна заедница и пред нас и така натаму“.

Во втората снимка, Мицкоски ги уверува осумте пратеници дека како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во сите општински комитети низ Македонија, без исклучок, побарал тие да не бидат напаѓани. „Е па тоа јас ви го кажувам. Ме наведувате на тоа што ви е пренесено, еве од мене ќе чуете“, им вели Мицкоски.

Во третата снимка, Мицкоски, се чини, му се обраќа на пратеникот Крсто Мукоски, исто така еден од исклучените, со порака дека вистината, еден ден, ќе излезе на виделина:

„Крсто, знаеш што, работите не се црно бели и секој има своја субјективна причина како ќе… (излезе???). Ја нема да навлегувам во материјална дискусија како било, што било, но еден ден, како што велиш ти, вистината ќе мора да излезе на виделина. Ќе мора да се каже вистината, да се погледнеме во очи и да си ја кажеме вистината. Е јас, тој ден го чекам. Тој ден сега не може да биде. Прво и на вас ќе ви биде непријатно да ја кажете сега вистината, ама кога ќе се сменат работите после 12-ти, се надевам дека ќе се погледнеме вака сите во очи, овдека или на друго место и ќе си ја кажеме вистината“…

Во последната снимка, се спомнува некаква понуда:

„ … на следните парламентарни избори. Ја не знаев дека постои амбиција од овој Сашо, дека се очекува понуда, но добро е што ја слушнав сега и се надевам дека многу скоро, на следната наша средба, можеме и ние да размислиме за една таква понуда и да излеземе со понуда“, вели Мицкоски во снимката.

 

- Реклама -