Силјановска: Со Дон Дончев, Дон Заев и Дон Филипче, ЕУ нема да одреди датум за преговори

„Датумот што го чекаме е врзан за нешто што се вика владеење на правото. Со него почнуваат преговорите, со поглавјата 23 и 24, и со нив завршуваме. Тука има едно чудо важни работи: право, правда, демократски институции, судство, борба со корупција, борба со криминал, борба со кршење на правото при јавните набавки. Треба ли да набројувам што слушаме веќе неколку години, буквално секој ден? Ништо не е во поткрепа на владеењето на правото, а ние се фалиме дека напролет, па сега налето, па сега наесен само што не сме ги почнале преговорите. Ама во сите истражувања или сме долу како хибридна држава или сме слаба држава со слаби институции“, зборуваше вчера во скопската населба Ново Лисиче професорката Гордана Силјановска-Давкова, носителка на листата на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица, порачувајќи дека со власт како оваа, ЕУ нема да ги започне преговорите за членство со Македонија.

„Не треба да се поединци силни, треба да се институциите стабилни – парламентот, владата, претседателот, особено судството, за да може да не мислиме која власт ќе дојде на власт, зошто државата ќе си функционира сама од себе – ако се правите луѓе на право место“, додаде таа, посочувајќи го  распадот на СЈО како пример за неуспешните реформи во судството.

„Господинот што сега е растрчан по доверба низ државата, едно време велеше дека не го признава судот. Ама судиите не се сменија во нашава држава. Меѓутоа, потоа тој рече дека расцветало судството. Толку многу расцвета, што една социјалдемократска слана го попари ненадејно, па од она што требаше да биде  ангелски водич во судските реформи – Специјалното јавно обвинителство, сѐ излезе специјално.  Ништо не остана од него, како што знаете, бидејќи и самите беа длабоко инволвирани во корупцијата и криминалот. Толку инволвирани што создадоа една моќна мрежа која не беше само судска, не беше само обвинителска, туку стана дури и медиумска.

И да бидеме искрени, никој нема да поверува, иако господинот Бојан Јовановски е очигледно интелигентен човек, дека тој го смисли сето ова. Замислете така, заради харизмата, оди од град во град, носи со себе документ со печат од поддршка владина и друга, и вели дека ќе гради пензионерски домови, па трчаат луѓето опчинети од неговото знаење и аргументација и му даваат кој 700.000 евра, кој 500 илјади. Видовме кога тие кои се построија пред него во нашата Филхармонија, сите се поздравуваа, и сите одденаш сите се чудиме од каде ваква посветеност, доверба кон господинов. Јасно е. Јасно е, бидејќи уште зимата ги слушавме изјавите од типот дека никој не е недопирлив. Претпоставувам знаете дека уште во април и во мај, значи за време на изборите, целата афера била позната. Но таква тајновитост сѐ уште не сме виделе. Јасно ви е сега зошто“.

Понатаму во говорот, Силјановска ја окарактеризира актуелната власт како режим во распаѓање, а таквиот, истакна, е најстрашен.

„Ама ние професорите, кога сме лоши, велиме дека: Кога еден режим е на заминување, кога еден режим е во распаѓање, во пропаѓање, тогаш е најстрашен. Тоа го гледате или го гледаме деновиве. Ни повишениот глас, ни аргументите не помагаат. Тргнало нешто назад. И последното што го видовме е нешто што… не знам дали Ден, јас почнав да викам Дон. Дон Дончев, па Дон Заев, па Дон Филипче… мислам дека кон тоа одат работите. Со таква држава не се оди во преговори. Со таква држава, држете ме за збор, ЕУ нема да одреди датум. Нема да почне да разговара за кластерот, бидејќи однапред се знае што може да се очекува – само продлабочување на истото“.

- Реклама -