Продолжува објавувањето на снимени разговори на мистериозни Јутјуб профили со цел да се оцрнат политичките противници.
Последна „бомба“ во низата е разговор меѓу Зоран Милевски – Кичеец и српскиот тајкун Мирослав Давидовиќ – Дака.
Во разговорот, во повеќе наврати Дака зборува дека му платил 300 илјади евра на Кичеец, а овој потврдува. Во неколку наврати се споменува и ген-секот на Владата – Драги Рашковски, а се спомнува и Заев.
Од разговорот се добива впечаток дека Кичеец посредува меѓу Дака и други лица кои требало да завршат некаква работа. Се зборува и за 2.000 квадрати што Дака требало да им ги даде во замена ако купи одредено земјиште.
Во неколку наврати се спомнува и референдумот, со тоа што Дака одбива, како што вели, да го финансира, бидејќи смета дека бил изигран…
Како што пишува „Плусинфо“, Мирослав Давидовиќ – Дака е контроверзен српски тајкун кому пред една година му беше направен атентат, а за кого српските медиуми пишуваа дека со руски пари финансирал преврат во Црна Гора.
Аудио снимката е објавена на Јутјуб профилот „Раце Лепливи“ – истиот оној што ја објави видео снимката на која се гледа Дончев како зема пари.