Чулев: За само еден час уапсени се 15 лица на подрачјето на полициска станица Бит Пазар

„Ја информирам јавноста дека денеска 7.6.2020 на подрачјето на ПС ОН Бит Пазар од 19 до 20 часот лишени од слобода се 15 лица кои не ја почитувале забраната за движење, и тоа на улиците Методија Митевски, Емин Дураку, Вуковарска, Панче Неделковски, Лазо Трповски и Никола Карев“, информираше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

„Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивни контроли на територијата на целата држава со цел санкционирање на непочитувањето на мерките за справување со Ковид 19.

Апелирам граѓаните да ги почитуваат овие мерки и заеднички да придонесеме во спречување на ширењето на коронавирусот“, порача министерот.

Соопштението на Чулев доаѓа откако СДСМ го критикуваше и побара негова оставка бидејќи, како што тврдат, полицијата го игнорира прекршувањето на полицискиот час во одредени скопски населби. Соопштението на СДСМ, пак, следуваше откако „Телма“ објави видео репортажа од прекршување на полицискиот час во дел од тие населби, вклучително и Чаир, каде граѓани пазарат во отворена продавница на само неколку метри од полициската патрола.

- Реклама -