Ахмети: Време е за нешто големо, време за прв премиер Албанец!

Ахмети во Сарај, јули 2019-та

Време е за нешто големо – за прв Албанец за премиер, порача лидерот на ДУИ – Али Ахмети, честитајќи им ја 18-годишнината од основањето на Демократската унија за интеграција на сите активисти, гласачи, истомисленици и поддржувачи на партијата, како и на сите граѓани во земјата.

„Денеска Демократската унија за интеграција одбележува 18-годишнина од основањето како најголем субјект на Албанците во нашата земја, наследник на Ослободителната национална армија (ОНА) и легитимен и апсолутен претставник на политичката волја на Албанците во последните две декади…

18 години останавме заедно во секој предизвик со кој се соочивме, во небројни процеси за да постигнеме целосна рамноправност, за целосна
интеграција во НАТО и Европската Унија, за зголемување на квалитетот на живот, за да ја обезбедиме иднината на младите и на сите нас“, порачува Ахмети, набројувајќи ги успесите на ДУИ, но потенцирајќи и дека е време за нови, уште поголеми:

„Денес, драги граѓани, сме полноправна членка на најголемата воено-политичка алијанса во светот – НАТО, денес сме земја која преговара со ЕУ за целосно членство во најголемото семејство на нашиот континент, денес имаме јазична рамноправност и со целосно имплементирање на нормативниот дел од Охридскиот Договор, со три универзитети на албански, со училишта, болници, градинки, патишта, институции, денес го инсталиравме принципот на консензус и во носењето на одлуки и во изборите. Раководевме како Албанци и граѓани на оваа држава со Собранието, Министертвото за Одбрана и за Внатрешни работи, Народниот правобранител и Државниот правобранител, Врховниот и Уставниот Суд, но не сѐ е постигнато и затоа, сега е време за нешто големо“ пишува Ахмети, потенцирајќи дека сето ова е постигнато преку недвосмислената доверба на целиот електорат на парламентарните, локалните и претседателските избори и референдумите во изминатите 18 години, почнувајќи од 5 јуни 2002 година.

Понатаму во пораката, Ахмети посочува дека ДУИ треба да остане единствениот претставник на Албанците и дека сѐ друго значи дефакторизација на гласот на Албанците:

„Не можам да не спомнам, дури и на оваа годишнина, дека алтернатива на албанската политичка сцена значи поделба на албанските гласови и слабеење на албанската политичка волја во многу партии кои произлегуваат од раздор и отцепувања, а не од волјата на граѓаните со цел за подобро дејствување. Постојано повторувам дека не ни е потребна дефакторизација на Албанците преку поделба на албанскиот глас во толку многу партии и со локално, а не целосно застапување. Само погледнете ги таканаречените лидерски средби и не заборавајте како чувство создава таа слика во вас“, пишува лидерот на ДУИ.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Во своето обраќање, тој ја адресираше и пандемијата на Ковид-19, повикувајќи на солидарност:

„Оваа годишнина нѐ наоѓа во време на пандемија без преседан во историјата на нашата планета која одзема толку многу животи и афектираше милиони луѓе, непоштедувајќи ја и нашата земја. Сите заедно сме во оваа битка, без етнички, културни, верски и државни разлики, и затоа заедно и без исклучок мора да ги почитуваме мерките за да се вратиме во нормала и секојдневен живот“.

„Драги соработници и истомисленици“, продолжува Ахмети, „на нашата 18-годишнина од моментот кога ја започнавме изградбата на Демократската унија за интеграција, потребни ни се, повеќе од кога и да е, солидарност во рамки на организацијата, подадена рака на соработка и поддршка, и доверба, бидејќи пред нас е нешто големо, нешто што ќе бара придонес од секој од нас“, повикува Ахмети.

„Ова патување го започнавме заедно пред 18 години, заедно се соочивме со секој предизвик и си верувавме еден на друг, заедно ги определивме и ги исполнивме нашите цели и на оваа толку важна годишнина за сите нас, ајде заедно да ја утврдиме целта – на нашите следни избори да ја реализираме определбата да избереме ценета, докажана и прифатлива личност која заедно ќе ја избереме ЗА ПРВ премиер Албанец!!!

На секоја годишнина поставуваме амбициозни цели и навремено ги реализираме, затоа честито пријатели и многу среќа и успех кон остварување на нашите
заеднички цели“, порача Ахмети.

- Реклама -