Каков и да е исходот, вицепремиерот Кочо Анѓушев ќе се повлече од политиката, најави тој вчера во гостувањето на „Топ тема“. Едната причина, рече, е што неговите најдобри намери со своите знаење да ѝ помогне на државата не секогаш наидувале на прифаќање од граѓаните. Другата, рече, е големиот пад на добивката на неговите компании во овој период додека е дел од Владата, во некои од нив и до 50%. Таквиот пад Аншуѓев го припиша како на неучеството на неговите компании на државните тендери, така и на неговото лично отсуство од нивното работење.
Денеска, одговарајќи на новинарско прашање, и премиерот Заев рече дека во меѓусебната дружба „видел“ дека добивката на компаниите на Анѓушев паднала и под 50%. Тоа, оцени Заев, е индикатор дека Анѓушев им е неопходен на своите компании исто како што ѝ е на државата, па оттаму тој ќе има целосно разбирање ако вицепремиерот реши да ја напушти политиката и се посвети на својот бизнис.
Се разбира, што ќе прави Анѓушев си е само негово право и одлука. Но, пред да ги зграпчите телефоните за да донирате, читнете понатаму.
Според фејсбук страната „Рефлектор“, а која се повикува на податоци од Централниот регистар, не е сѐ така цpнo откако е дел од владата. „Фероинвест ДОО“, на пример, во 2017 година остварила нето добивка од 50.4 милиони денари. Во 2018-та, остварената добивка изнесувала 77.7 милиони денари, односно забележала раст од 54% во споредба со претходната година. „Брако ДОО“, од друга страна, во 2017-та забележала нето добивка од 28.7 милиони денари. Веќе следната година, „Брако ДОО“ остварила добивка од 69.9 милиони денари, односно раст од… 143 проценти!