Поранешен научник на НАСА: Живот на Марс откривме уште во 1970-тите

Има ли живот на Марс? Не само што има, туку НАСА тоа го знае уште од 1970-тите, тврди поранешен научник од американската вселенска агенција по име Гилберт В. Левин, во статија објавена неодамна во „Scientific American“.

Левин го предводел експериментот за откривање на живот под име Labelled Release (LR) во рамки на мисијата „Викинг“ во 1975 година, а во статијата објаснува како LR ја тестирал почвата на Марс за постоење на органска материја. Според него, при оваа мисија е најден и доказот дека Црвената планета не е cтepилна.

Како што објаснува научникот, „Викинг“ сондите инсертирале нутриенти во почвата на Марс за да видат дали ќе има гасовити траги на CO2 како последица. Присуство на такви траги ќе значело дека микроорганизмите ги метаболизирале нутриентите, што значи дека има потенцијално присуство на живот. Според Левин, се работи за „многу едноставен тест“ и „индикатор кој не може да згреши“ околу постоењето на живи микроорганизми.

Притоа, LR експериментот вродил со вкупно четири позитивни резултати, што според Левин е јасен доказ дека живот постоел на Марс.

„Се чинеше дека го одговоривме најголемото прашање“, пишува Левин, но потоа додава дека НАСА не се согласила. Според него, агенцијата ги „отфрлила“ резултатите, признавајќи ги како доказ за постоење на „супстанца што имитира живот“, но не и за доказ за постоење на жива материја, со аргумент дека експериментот бил дизајниран и директно открил само индикатор, но не и сам живот на Марс.

Научникот се прашува зошто НАСА не лансирала и други мисии до Марс со инструменти за детекција на живот, особено по ваквите откритија на LR. Според него, агенцијата била позаинтересирана да открие дали Црвената планета е погодна за човечки живот, што според него требало да биде споредно прашање.

„Животот на Марс се чинеше како нешто далечно, но всушност, гледајќи во ретроспектива, ќе беше вистинско чудо ако Марс беше cтepилен“, вели Левин, објаснувајќи дека Земјата и Марс разменуваат „плyнкa“ секогаш кога едната планета е пoгoдeна од комета или метеорит и таканаречена „ejeкта“ од ударот се исфрла во вселената, овозможувајќи им на микроорганизмите да „автостопираат“ од една планета до друга. Во меѓувреме, лабораториските експерименти докажаа дека микробите од Земјата можат да ги преживеат условите на Марс, како и изложеноста во вселената.

Тука се и откритието на доволно вода на површината на Марс за да може да поддржи микроорганизми, потоа вишокот на Јаглерод-13 во споредба со Јаглерод-12 – што упатува на биолошка активност, а откриена е и регенерација на јаглерод диоксидот во атмосферата на Марс – што исто така е индикатор за активност на микроорганизми. Оттогаш и роверот „Кјуриозити“ има собрано повеќе докази за можен живот и органска материја на Марс. Неодамна откри и седименти од древна оаза која сугерира дека Марс некогаш бил покриен со солени езера.

Древна „оаза“ на Марс, слика составена од роверот Curiosity.

„Какви докази имаме против можноста за живот на Марс? Извонредниот факт е: никакви“, пишува Левин, при што апелира НАСА да вклучи експерименти за откривање на живот веќе во следната мисија до Црвената планета, но исто така бара и независнa анализа на резултатите од Viking LR. Таква објективна комисија, вели, би можела да заклучи, исто како и тој, дека Viking LR навистина нашол живот уште во 1970-тите.

Левин има зборувано на темата и порано, како на пример на Годишниот состанок на Меѓународното друштво за оптички инженеринг во 1997 година. Воедно, Левин има и свој вебсајт, веќе со години, каде ќе најдете низа референци поврзани со оваа и слични теми.

- Реклама -