Поранешната специјална обвинителка во притвор – Катица Јанева, ги засилила редовите на својата одбрана во случајот „Рекет“, објави порталот „МКД.мк“. Според нивните информации, покрај Ирена Фрчкоска, сега Јанева ќе ја застапува и адвокатот Дељо Кадиев, кој го застапува и сопственикот на „Дурмо Турс“ во постапката за тpaгичната нecpeќа кај Ласкарци.
Јанева, инаку, денес треба да се појави на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ден откако Боки 13 за првпат од своето апсење беше повикан да даде исказ. На Јанева, меѓутоа, ова ќе ѝ биде второ соочување со обвинителката Вилма Русковска. Првиот пат отиде во улога на сведок, ден пред да биде приведена.
Што се однесува до Дељо Кадиев, се очекува и тој заедно со Фрчкоска да ја придружува Јанева на распитот. Тој е инаку третиот адвокат што Јанева го ангажираше во одбраната за „Рекет“. Како што добро се сеќава јавноста, пред Ирена Фрчкоска, на првиот распит во Обвинителството Јанева дојде со адвокатот Стеван Павлески, кој три дена по приведувањето ја известил дека нема да може да ја застапува, бидејќи соочен со избор од страна на Русковска, избрал да продолжи да ги застапува Цветан Панделески и Љупчо Георгиевски, обвинети во случаите „Империја“, односно „Траекторија“ на СЈО.
Како што најави вчера Обвинителството, денеска и Јанева ќе добие известување дека истрагата за „Рекет“ е завршена. Останува неизвесно дали таа ќе даде исказ или ќе избере да молчи, како што направи Боки 13, со образложение дека тој и неговиот адвокат Сашо Дуковски не ги виделе доказите. Случајот со Јанева е поинаков, како што објасни Русковска за „Телма“, бидејќи за разлика од Дуковски, адвокатката на Јанева – Ирена Фрчкоска, веднаш побарала и извршила увид во доказите.