Следната рецесија ќе ги докусури родените во 80-тите, 90-тите и раните 2000-ти

Економската војна трае. Приходите се намалуваат. Инвеститорите бегаат на сигурно. Глобалниот раст успорува. Берзата паѓа. Миленијалците (родените во периодот од 80-тите, па до раните 2000-ти) се сј*бани. Рецесиите никогаш не се добри, за никого. Слабата економија значи полоши финансии, емоционални и здравствени последици за сите, од доенчиња до пензионери. Ама следната рецесија, ако и кога ќе почне да се случува, посебно тешко ќе ги погоди озлогласените генерации. За возрасните на возраст од 22 до 38 години, во крајна линија, последната рецесија и никогаш вистински не заврши, пишува Annie Lowrey за The Atlantic.

ЌЕ ЗАВРШАТ ПОЛОШО ОД НИВНИТЕ РОДИТЕЛИ

Миленијалците беа покосени во падот на економијата, преживуваа во текот на опоравувањето, а сега останаа поранливи отколку постарите генерации во општеството. Како што се приближуваат нивните средни години, тие не успеваат да се уфрлат во средната класа, па веројатно ќе станат првата генерација во модерната економска историја која ќе заврши полошо отколку нивните родители. Следната економска криза може тоа и да го зацементира; да ги запре нивните кариери и да ги намали платите токму во моментот кога миленијалците влегуваат во годините кога би требало најдобро да заработуваат.

Со последната криза – големата рецесија која се случува еднаш во векот, тие беа фрлени во неизвесна економска насока. Миленијалците дипломираа во екот на најлошата ситуација на пазарот на трудот во последните 80 години. Тоа не само што значеше неколку години голема невработеност или неколку години поминати во подрумот/домот на родителите, туку значеше и цела деценија изгубени плати. Генерацијата доволно несреќна да влезе во пазарот на трудот во време на рецесија, доживеа толку значителни губитоци во приходите, што ќе требаат години и години за да се опорави. Тоа го покажаа студиите, а сега имаме и конкретни докази. Од 2014-та година миленијалците не заработуваат повеќе од претходната генерација X во истото тоа животно доба, а заработуваат дури 10% помалку од бејби-бумерите, иако економијата е убедливо поразвиена, а земјите се и тоа како побогати. Миленијалците денес заработуваат помалку од жените од генерацијата X.

Децата на 80-тите и 90-тите имаа и огромен финансиски катастрофален товар на своите слаби плеќи – трилион долари долг за школување (се однесува пред сè на САД). Отприлика четврина од генерацијата X земаше кредит за факултетско образование, додека кај миленијалците тоа е дупло повеќе, дури половина. Притоа, миленијалците земаат и двојно повисоки кредити од генерацијата X. Не е ни чудно, со оглед дека цените на школувањето од 2001-ва година пораснаа за повеќе од 100%, дури и ако се пресмета инфлацијата.

ТОКСИЧНА КОМБИНАЦИЈА

Комбинацијата од помали приходи и поголеми студентски кредити, заедно со високите камати и годините потребни за опоравување, доведе до тоа миленијалците да завршат исклучени од пазарот на недвижнини, со што тие го загубија основниот начин да стекнат богатство. Стапката на сопствеништво кај оваа генерација е 8% помала отколку во генерацијата X или бејби-бумерите во истото животно доба. Средната возраст на прво купување на куќа порасна на 46 години, односно на најстарото животно доба откога се собираат податоци, од пред 40 години.

Како резултат, миленијалците не можеа да профитираат од драматичното опоравување на цените на станбениот простор, кое се случи по финансискиот колапс и таканаречената foreclosure криза во САД. Миленијалците исто така беа присилени да даваат милијарди долари за наем на куќи, кој во многу од урбаните подрачја нагло порасна. Тоа претставува најголем генерациски трансфер на пари од младите кон псстарите. Бумерите се сопственици на куќите и спречуваат локалните управи да продолжат да градат, така што тие профитираат од растот на цените и наплатувањето на безбројни чекови за кирија од помладите и посиромашни семејства.

Притисокот на трошоците врз миленијалците исто така го отежна или оневозможни и штедењето и вложувањето. Уделот на Американци помлади од 35 години кои имаат акции падна од 55% во 2001 година – на 37% во 2018-та, делумно затоа што работодавачите поретко нудат пензиско штедење, а делумно и затоа што на миленијалците на крајот од месецот не им преостанува ништо за да остават на страна. Експертите предупредуваат дека цела една генерација не штеди на соодветен начин, а две третини од миленијалците немаат апсолутно ништо на пензиската книшка. Тоа значи дека миленијалците воопшто не профитирале од повеќегодишниот пораст на цените на акциите, како што профитираа нивните родители и дедовци.

Миленијалците на хартија вредат помалку од припадниците на постарите генерации и помалку од припадниците на постарите генерации кога биле во истото животно доба. Нето имотната состојба на просечното миленијалско домаќинство е 40% помала отколку што во 2001 година била имотната состојба на домаќинствата на припадниците на генерацијата X, и 20% помала од домаќинствата на бејби-бумерите на крајот од 80-тите години.

 

МОЖАТ ЛИ МИЛЕНИЈАЛЦИТЕ ДА ГО НАДОМЕСТАТ ЗАГУБЕНОТО?

Можеби, ако растот на платите нагло и драматично се забрза, урбаните јадра почнат да градат милиони нови домови и  Конгресот најави бришење на студентските долгови. Но, финансиските експерти сметаат дека тоа е малку веројатно. Миленијалците го пропуштија големиот пораст на вредноста на имотите кој се случи од 2010-та до денес, а економистите од Федерални резерви сметаат дека порастот на вредноста во блиска иднина ќе биде значајно помал отколку што беше во последниот период. „И додека бејби-бумерите и понатаму ги држат најдобрите работни места и најголемиот дел од станбениот простор, миленијалците поминуваат битно полошо од нивните родители. Очекуваме дека само мал дел од најдобрите во секторите кои се на цена, како што се технологијата или финансиите, ќе можат ефективно да го преовладаат тој недостаток“, заклучува инвестициската банка Credit Suisse.

Следната рецесија, оваа година, следнните години, кога и да се појави, веројатно уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата на миленијалците. Тие веќе отстапија од штедење и купување домови, како и стапување во брак и раѓање деца, поради своите скромни работни места и товарот на студентските кредити. Падот кој води кон поголема невработеност и помали плати ќе ги натера миленијалците уште повеќе да чекаат на акумулација на имот, што ќе им ја отежни акумулацијата на било какво богатство. Нивниот пат, кој уште сега е yжaceн, може да стане уште полош.

Cтpaдањата на миленијалците нема да им наштетат само нив. Постојат сè повеќе докази дека економијата е сè повеќе склepoтична и побавно расте отколку ако миленијалците можеа да купат куќи, основаат семејства, стартуваат бизниси и трошат како претходните генерации, ако младите не постоеја само за да пумпаат имот и богатство за старите. Што ме потсети на нешто друго – има една генерација што може да помине полошо и од миленијалците: следната, генерацијата Z.   ¯\_(ツ)_/¯ .

- Реклама -