Снежана Лупевска за „Тимот за борба против корупција“ на Владата: Па, дали е ова можно?

„Па дали е ова можно!?“, се чуди новинарката Снежана Лупевска на одлуката на Владата за формирање на „оперативен тим кој бескомпромисно ќе работи на борбата против криминалот и корупцијата со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега“.

„Оваа иста Влада има МВР има финансиска полиција и уште едно чудо институции кои треба-ло да делуваат, а очигледно не делувале! Што е ова, паралелен систем!?“, критикува Лупевска на Фејсбук.

И не е единствена. „Менаџирање на криза на најлош можен начин“, коментира новинарката и главен уредник на ИРЛ (Investigative Reporting Lab Macedonia) – Сашка Цветковска.

Новинарот Ивор Мицковски, активен критичар на власта и поранешен прв човек во центарот за комуникации на СДСМ, смета дека одлуката, ако не проблематична, тогаш е задоцнета:

„Акциска влада! Проблемот во креирањето вакви ад хок кризни штабови е што повторно ја правите грешката да не признаете криминал надвор од вашето работење, во рамки на актуелното владеење. Па добро бе луѓе, криминалов во прашање се случи во време на вашето владеење, и иако системот е таков каков што е 30 години, само се потврдува дека кој и да дојде си го презима шаблонот. Ако требало акција, требало уште од сам старт. Вака испаѓа дека институциите кои требале да си ја вршат работата, не си ја завршиле, па сега демек вртиме нов лист. Ама кашата веќе е направена, и не разбирам како Оперативен тим против криминал и корупција ќе го брка криминалот и корупцијата во сопствените редови, кога веќе дозволил тој да се случува на волкава скала. Признавате дека сте спиеле на должност, дека сте замижувале додека пред очи ни се случувал системски криминал“, пишува тој.

- Реклама -