Построги казни за политичарите, но и фокус на содржината, а не на потеклото на снимките од „Рекет“, побара Пендаровски

Брзо и темелно завршување на истрагата, обвиненија против сите инволвирани, но и политичка покрај кривичната одговорност кај инволвираните политичари, побара претседателот Стево Пендаровски во случајот „Рекет“ на денешната вонредна прес-конференција по повод аферата и случувањата околу истрагата. Притоа Пендаровски изрази целосно разбирање и го оправда револтот на јавноста, па во тој дух ги повика и сите оние чии имиња се споменати (пред сè во снимките објавени од италијанскиот медиум „Ла Верита“), без оглед дали тоа е основано или со намера да бидат дискредитирани, на своја иницијатива да дадат изјави пред надлежниот обвинител, со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сите граѓани се исти.

„Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции и шпекулации произведени со нечесни намери… Длабоко верувам дека ние политичарите сме со поголема одговорност од другите граѓани, затоа и нашите евентуални противзаконити дејствија треба да бидат процесуирани со поголемо внимание и дури и построго казнувани во однос на другите граѓани“, рече претседателот.

Тој побара и зголемен мониторинг од страна на медиумите, а на јавноста и надлежните институции им порача дека треба да биде помалку битно кој ги набавил и/или кој ги дистрибуирал снимките, а поважно дали содржината на разговорите е вистинита или не. Притоа Пендаровски побара од медиумите и внимателно да ги проверуваат информациите пласирани од различни страни, затоа што, како што рече, лажните вести немаат за цел да ја информираат македонската јавност, туку да ја поткопаат вербата на граѓаните во правдата и државните институции.

- Реклама -