Пендаровски побара и политичка одговорност за „Рекет“

Огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува во прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и сопствената држава, рече за случајот „Рекет“ претседателот Стево Пендаровски на денешната „вонредна“ прес-конференција.

Тој го повтори ставот дека како човек е разочаран, а во улога на претседател – согласно должноста да се грижи за интересите на државата и граѓаните, нивниот просперитет и безбедност и реализацијата на надворешните стратешки цели, Пендаровски од надлежните институции побара:

• ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата, со почитување на начелото на пресумпција на невиност
• врз основа на докази да се поднесат обвиненија против сите инволвирани, без оглед на тоа дали се или не се носители на јавни функции
• освен кривично-правната одговорност, инволвираните политичари – оние кои евентуално давале заштита на лицата под истрага, било да се од власта или од опозицијата, да сносат и политичка одговорност.

Тој понуди и целосна поддршка за надлежните институции и порача дека ќе ги искористи сите свои законски и уставни овластувања за да ги заштити од притисоци, особено обвинителството и судот.

Случајот „Рекет“ е тешка ситуација што ја става на огромен тест правната држава, надлежните институции и одговорните политичари, рече тој, а доколку надлежните правосудни органи не ја истераат работата до крај, како што и самиот очекува, граѓаните ќе ја загубат вербата во политичарите и државата, но овојпат дефинитивно/конечно.

Пендаровски повтори дека мора да има одговорност за сите инволвирани во случајот „Рекет“, без оглед што се работи за лица од различни профили, и по хоризонтална, и по вертикална линија. Никој не смее да биде над законите, порача тој.

- Реклама -