Димитров за рекетот на Боки 13 и Зоки Кичеец (и Катица Јанева): Не кревај раце, народе, ќе нè биде!

Доцна синоќа, по полноќ, засегнат, како и целата јавност, од апсењето на Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, поради рекет, министерот за надворешни работи – Никола Димитров, со своја реакција се огласи преку Фејсбук. Димитров го адресираше разочарувањето во јавноста и се обиде да го претвори во мотивација, прикажувајќи ја „светлата страна“ на ситуацијата, според него: дека системот, каков-таков, почнува да работи.

Разочарувањето за кое (веројатно) зборува министерот особено кулминираше со веста вчера дека ѝ е одземен мобилниот телефон на довчерашната шефица на СЈО – Катица Јанева, но уште повеќе по објавувањето на текстот на новинарот Бранко Героски, во кој тој на двапати тврди дека вмешаниот обвинител е мозокот на операцијата. Притоа, Героски речиси директно и многу јасно посочува токму на Катица Јанева, пишувајќи:

„Рекетарите се пријатели со еден познат, популарен и јавно воспеван јавен обвинител, од кого се очекуваше да ја донесе правдата во Македонија. Моите информации се дека тој, всушност, е мозокот на операцијата, но тоа допрва треба да се докаже.

Имам и други информации, за кои истрагата веројатно води есап. Освен обвинителот, за кој по втор пат тврдам дека е мозокот на операцијата, во случајот е заплеткан уште еден друг обвинител, но од истото обвинителство“.

Подоцна, во делот „Одмаздата на рекетарите“, Героски пишува:

„Овој клучен момент е некаде во септември лани. Тогаш, еден од осомничените, на својот профил на Инстаграм ќе објави слика од својот пријател популарен обвинител и ќе напише: ‘Се подготвува нешто големо и интересно’. Замислете – нешто големо и интересно…“.

Таков пост на Инстаграм има на профилот на Боки 13, и во него осомничениот позира со специјалната јавна обвинителка – Катица Јанева:

„Никој не рече дека ќе биде лесно… Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: ‘Ти кажав, не бива од нас држава’“, пишува Димитров. „Но, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа. Дека ќе нè биде и покрај сè и заради сè. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе нè биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите. Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе нè биде народе, тогаш кога секој во своето, ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не нè биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од било кој друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега. Ќе нè биде и точка!“, порача Димитров.

- Реклама -