Катица Јанева поднесе неотповиклива оставка

„Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја“, порача денеска шефицата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – Катица Јанева, соопштувајќи ја својата неотповиклива оставка.

Оставката ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник, вели Јанева.

„Во моментот кога со консензус на сите политички партии бев избрана за Специјален Јавен Обвинител, себеси и на граѓаните на Република Северна Македонија ветив дека функцијата Специјален јавен обвинител ќе ја извршувам во интерес на владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата во Република Северна Македонија. Се нафатив на функцијата во исклучително тешки околности и целосно свесна за задачата која ми е дадена…

Чест ми беше да ѝ служам на државата и да бидам на чело на исклучително професионален обвинителски тим, истражителски тим и тим на вработени кои безрезервно и посветено ги извршуваат своите работни задачи…

… Дозволете јавно да се заблагодарам на целиот тим на Специјалното јавно обвинителство со кој испишавме историја. Треба да бидеме горди затоа што претставуваме симбол за бескомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција.

Ја користам приликата да се заблагодарам на сите граѓани и на медиумите кои со довербата во нас и поддршката која ја даваат се ветер во грб за одговорната работа која ја вршиме. Бев и ќе останам подготвена да се борам за подобро утре на сите граѓани на Република Северна Македонија“, пишува во соопштението.

Јанева беше на чело на СЈО речиси четири години, од 2015-та година. Ѝ преостануваа два месеца од мандатот, а во април најавуваше и дека ќе конкурира за нов.

- Реклама -