Борисов: Зборував со Заев, Бугарија ќе го чува воздушниот простор на Македонија

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска посака сите што ја критикуваат бугарско-американската база во Ново село, Бугарија, да можат да видат каков прекрасен објект е.

„Денес тука учествуваат и колегите од Грција, Албанија, Северна Македонија, САД – тука сите свратуваат. Во Бугарија сите поминуваат на обука – другите држави ги прескокнуваат, но во Бугарија апсолутно сите доаѓаат. Имаме напредна и надежна техника, која ја модернизираме. “, изјави Борисов од полигонот во Ново село, пренесува БГНЕС.

Тој додаде и дека со македонскиот премиер Зоран Заев зборувале за тоа Бугарија да го чува воздушниот простор на земјава.

„А и со колегата Зоран Заев зборувавме минатата седмица – живи здрави, сега, кога ќе ги добиеме новите авиони, ќе го чуваме воздушниот простор и на Северна Македонија. Тоа ќе биде добро и за нив, и за нас. Зашто и вака и така тие авиони не можат да завртат толку блиску и одат над Северна Македонија. Така што, тие обуки ни носат воено другарство. Сите во светот знаат дека, овде обуките траат цело лето. Над 5.000 американски војници минуваат и се обучуваат“, истакна Борисов.

 

Бугарија, со цел да ја подобри усогласеноста со НАТО стандардите, ги менува своите ловци од советската ера од моделот Миг-29 со нови осум F-16 од САД. Во понеделникот Стејт департментот ја одобри продажбата, за цена од 1.67 милијарда долари, за кои Бугарија очекува да бидат намалени на 1.2 милијарди. Во секој случај, тоа ќе биде најголемата воена набавка на Бугарија од падот на комунизмот во 1989 година. Во меѓувреме, Северна Македонија се надева и очекува до идната година да стане 30. членка на НАТО.

 

 

- Реклама -