„Вардар е бајковит триумф на спортот над парите, другите нека повелат и пробаат да го поминат!“

Фото: EHF

Од насловите во спортските рубрики, јасно е: во екстаза од она што ни го приреди РК Вардар е и целиот Балкан, цела ракометна Европа, секој ракометен фан, но и секој љубител на спортот. Генералниот заклучок е ист: Парите можат да ве направат шампион, но херој се станува само со срце. По две шампионски титули од три настапи на Фајнал фор, особено по ваква како оваа втората, веќе нема дилеми – за Вардар најсоодветен опис е оној што Јирген Клоп го искористи за да го опише Ливерпул по сензационалниот камбек против Барселона – „Овој тим е едно големо срце“. Ние би додале „лавовско“.

Петар Додиќ, за српската РТС, дефинитивно го дели тој став. Пишува вака:

Ден по финалето во Лигата на шампионите во фудбал – спорт во кој играчите заработуваат вртоглави суми пари, љубителите на спортот имаа прилика да погледнат како изгледа борба за европска титула во спорт кој навистина се игра со срце. На ракометниот престол на Европа од неделата седи Вардар, екипата во која играчите со месеци не примаат плата.

Откако рускиот милионер Сергеј Самсоненко во април најави повлекување од РК Вардар поради финансиски проблеми, јавноста на македонскиот тим му „претскажа пропаст“. Коcтypот на екипата веќе потпиша договори со други клубови и од следната сезона тоа нема да биде истиот Вардар, потсетува Додиќ.

Меѓутоа, пишува тој, непријатната ситуација го инспирираше споjот од страстни Балканци и Руси од играчкиот кадар и темпераментниот Шпанец на чело на екипата да му покажат на светот дека се прерано „отпишани“. Не дозволија тешкотиите кои ги имаат во клубот да се одразат на теренот.

Вардар сезонава ги освои домашниот шампионат, регионалната SEHA лига, и за крај – титулата на стариот континент. Единствено што му се „лизна“ од рацете е Купот на Македонија, кој по подобро изведување на седмерци, го освои Металург.

Инатот и цврстиот карактер кои ја красеа екипата преку целата сезона, дојдоа до израз во полуфиналето против Барселона. Шпанскиот тим водеше со седум разлика на полувремето и на 15 минути пред крајот веќе се чинеше дека изгледаше дека ќе забележи нов настап во финалето и ќе се бори за десеттата титула. Тогаш ги удри македонскиот „брз воз“ предводен од Даинис Криштопанс. Летонскиот „џин“ постигна 10 голови, од кои четири во минутите кога Вардар го стигнуваше недостижното. Српскиот репрезентативец Дејан Милосваљев забележа 15 интервенции и покажа зошто е прогласен за најдобар голман во Лигата на шампионите.

Веќе со самиот пласман во финалето Вардар направи доволно за ракометот, но не застанаа таму.

Унгарскиот шампион Веспрем четврти пат се пласираше во финалето и многумина сметаа дека е крајно време да го освојат Келн и Ланксес арената. Вардар им ги замрси конците и го испиша последното поглавје од својата бајка.

Мечот беше достоен на вистинско финале, полн со неизвеснот и добри потези. Вардар на полувреме водеше со 16:11, а потоа, по враќањето од паузата, Веспрем намали на 17:16. Налетот на противниците ги наведе избраниците на Роберто Гарсија Парондо да ја консолидираат својата игра и да ја одржат предноста до последниот свиреж.

Една прекрасна приказна за триумфот на спортот над парите доби епилот. Истрајноста на овие момци треба да послужи како пример за сите, не само за спортистите. Не се откажувај кога е најтешко! Поради тоа ги оставија најбогатите тимови на денешницата зад себе. Тие испишаа историја. А другите нека се обидат да ги поминат, завршува Додиќ за РТС.

 

- Реклама -