Бектеши слушнал по нешто од „бомбите“ за ДУИ, тврди дека се „приватни разговори“

„Не би сакал да коментирам за нешто што е строго забрането и со закон“, изјави денеска министерот за економија – Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање за прислушуваните разговори што веќе трет ден извесен Ш.А. од Чикаго постојано ги објавува на својот Фејсбук профил именуван како El Cheka, а кои се однесуваат на високи функционери на ДУИ, вклучително и лидерот Али Ахмети.

Бектеши упати и апел до медиумите, повикувајќи ги да не ги објавуваат снимките бидејќи се забранети.

Што се однесува до самата содржина, Бектеши вели дека накратко слушнал дел од разговорите и дека се работи за приватни разговори, алудирајќи дека во нив нема ништо битно.

„Што се однесува до бомбите, јас накратко некои сум ги слушнал; Тие се приватни разговори, како што можам јас со вас или со кој било да комуницираме приватно“, рече Бектеши.

Во меѓувреме Ел Чека продолжува да објавува разговори. Во една од последните тури, преку видео обраќање, порача дека располага со околу 6.000 разговори. Порача дека нема да престане со објавување сè додека не се поведе меѓународна истрага за случајот „Диво Насеље“ и додека кpиминалците од ДУИ не завршат во затвop. Во спротивно, предупредува, ќе следува објавување на „многу постpaшни бомби“, кои ќе доведат до пад и на владата на Заев.

Ел Чека порачува и дека воопшто не е иcплaшeн, бидејќи ако нешто му се случи, има кој друг да ги објави снимките. Тој порача и дека истите ќе бидат испратени и до ЦИА и Американската амбасада.

Во меѓувреме повеќе медиуми објавија дека зад псевдонимот Ел Чека се крие 28-годишниот Ш.А. роден во село Туин ( под падините на планината Добра Вода), Кичевско, кој сега живее во Чикаго.

 

- Реклама -