„Фајненшл Тајмс“: Облаци на европскиот пат, Западен Балкан нервозен поради ставот на ЕУ

Изгледите ЕУ во јуни да одлучи да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија се неизвесни по самитот во Берлин. Оттаму, овие две земји, како и другите кои тежнеат кон членство во Унијата, стануваат нервозни, пишува „Financial Times“.

Во статијата со наслов „Балкански сништа“, британскиот весник наведува дека Скопје, Тирана и останатите „кандидати“ внимателно набљудуваат и исчекуваат дали ќе попуштат европските земји кои се традиционално нерасположени околу проширувањето на Унијата.

Весникот оценува дека во понеделникот, на берлинскиот самит на кој беа домаќини, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон најавија дека Северна Македонија и Албанија, како и Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, треба да постигнат поголем напредок во реформите. Изнесувајќи го скептичниот став на Франција околу проширувањето на Унијата, Макрон порача дека Париз сака да види подобрување на полето на владеењето на правото и безбедносните, економските и социјалните прашања, потсетува весникот.

Според Financial Times, дел од земјите членки на ЕУ кои се понаклонети кон западнобалканската шесторка, сметаат дека овонеделниот самит на лидери од Западниот Балкан, Хрватска, Словенија, Франција, Германија и ЕУ, во Берлин, бил грешка. Тие се особено загрижени поради негативните пораки упатени до владата на Северна Македонија, која, пишува FT, презема голем ризик на организирање на референдум за промена на името на земјата со цел решавање на долгогодишниот спор со Атина.

Дипломатите стравуваат, додава весникот, дека негативната одлука за почеток на преговорите за членство со Скопје и Тирана би можела да ги одврати балканските лидери од спроведувањето на клучните реформи, како и да го засили руското и кинеското влијание во регионот со сè поголеми политички неизвесности.

Financial Times наведува дека растат и територијалните тензии меѓу Србија и Косово, а се повикува и на изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи, кој неделава порача дека поделбите во самата ЕУ и меѓу европските држави и САД го зголемиле ризикот од обнова на етничките судири на Балканот.

Одлуката за отварање на преговори со Скопје и Тирана минатата година беше одложена сè до завршувањето на овогодинешните избори за Европскиот парламент. Една од главните причини беше загриженоста на Франција, Данска и Холандија дека таквата одлука (почеток на преговорите) би можела да допринесе за засилување на антимигрантските крајнодесничарски партии. „Облаците“ над земјите кои тежнеат кон членство во Унијата би можеле да се разидат по изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат од 23 до 26 мај годинава, заклучува Financial Times.

- Реклама -