Кирацовски немал влијание и немал право, но побарал сестра му и баба му да се повлечат од работните места

Сестрата и мајката на сопругата на пратеникот Александар Кирацовски ќе се повлечат од работните места, соопшти денеска генералниот секретар на СДСМ, откако вчера Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) утврди негово влијание во три од вкупно шесте случаи во кои утврди елементи на непотизам.

Иако денес Кирацовски прво ги негираше (и сè уште ги негира) наодите на Антикорупциска и ги нарече „грешка“, изјавувајќи дека не чувствува одговорност (и со тоа дека не размислува за оставка), сепак подоцна во соопштението на Фејсбук порача дека личното мислење околу одлуката ќе го задржи за себе.

„Пред нас се одлуки, заклучоци на Државната комисија за спречување на корупцијата. Моето лично мислење за овие одлуки ќе го задржам за себе, тоа сега не е важно“, пишува тој.

Освен што извести за оставките на неговата сестра и баба, Кирацовски попатно ги пофали и државата, општеството, граѓаните и институциите, а побара од ДКСК да поведе постапка и за бројните партиски вработувања на ВМРО-ДПМНЕ. Објавата ја пренесуваме во целост:

„Нашата татковина, државата, општеството, покажува зрелост како никогаш досега. Граѓаните реагираат, а независните институции постапуваат согласно нивните надлежности.

Пред нас се одлуки, заклучоци на Државната комисија за спречување на корупцијата. Моето лично мислење за овие одлуки ќе го задржам за себе, тоа сега не е важно.

Презедовме одговорност, пред граѓаните, да ги менуваме работите, да го менуваме системот. Нашата обврска ја исполнуваме само со конкретни чекори.

Јас бев првиот што јавно реагираше уште на првите реакции од јавноста. Таткото на мојата сопруга, Борис Поповски, веднаш го повлече својот ангажман како алатничар, преку Агнеција за времени вработувања.

Во оваа насока сакам да ја известам јавноста дека побарав повлекувањe на моите роднини од работните места за кои ДКСК наоѓа некакви индиции, иако немам право на тоа, затоа што никако не сум влијаел за нивните вработувања.

Од работното место, кое нема никаква поврзаност со непотизам, се повлекуваат и мојата сестра, Мирјана Јосифовска и мајката на мојата сопруга. По нивна волја, како нивна лична одлука.

Привилегии, партизација и непотизам не се вредности на СДСМ, не се ниту ќе бидат мои вредности.

Очекувам Државната комисија за спречување на корупцијата да поведе постапка и за бројните партиски вработувања на ВМРО-ДПМНЕ и непотизмот кој што го раширија до невидени размери.

Сè друго би било дискриминација на граѓаните. Само така можеме да градиме праведно општество кое нуди фер шанса за секој наш граѓанин“, порача тој.

- Реклама -