Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Титаник 2“, денеска делумно ги уважил жалбите на обвинетите Б.И., С.М. и А.С., соопштија од Апелација. Со тоа Сашо Мијалков набрзо излегува од затворот во Шутка и заминува на домашен притвор.
„По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема обвинетиот Б. И. определи куќен притвор со траење до правосилноста на пресудата КОК.бр.62/17 од 08.03.2019 година, односно до започнување со издржување на казната.
По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема обвинетиот С. М. определи куќен притвор со траење до правосилноста на пресудата КОК.бр.62/17 од 08.03.2019 година, а најдолго 60 дена сметано од 08.03.2019 година.
По повод жалбата и по службена должност заради правилна примена на Законот спрема обвинетата А. С. определи мерка на претпазливост – Обврска на обвинетата да се јавува повремено во Основен суд Битола секој работен вторник, со траење до правосилноста на пресудата КОК.бр.62/17 од 08.03.2019 година.
Жалбите на обвинетите В. С. и С. С., се одбиваат како неосновани“, објави Апелација.