Грчкиот амбасадор до „BBC“: Преспанскиот договор не значи дека има македонско малцинство во Грција

Репортажата на BBC, насловена „Грчкото невидливо малцинство – Македонските Словени“, бурно ја разбранува грчката јавност. Покрај реакциите во земјата, реакција стигна и од грчката амбасада во Велика Британија. Имено, грчкиот амбасадор Димитрис Карамицос-Цирас вчера испратил писмо до редакцијата на BBC, во кое го критикува текстот поради „значајни историски неточности, превртени факти на штета на Грција и несоодветствување со Преспанскиот договор“.

Во писмото, Карамицос-Цирас порачува дека има само едно малцинство во Грција, а тоа е муслиманското. Следствено, статијата на BBC, според него, се обидува да реши „непостоечко прашање“.

Тој го критикува делот од статијата во кој се вели дека со ратификувањето на Преспанскиот договор, Грција имплицитно признава македонско малцинство. Како контра аргумент, тој го нуди „основниот принцип на меѓународното право“, според кој државите признаваат држави, а не етнички групи. Етничката припадност, истакнува тој, не подлежи на меѓународни договори, па според тоа, Грција го задржува правото да ги нарекува „граѓаните од етничкото мнозинство од соседната земја“ како што ги нарекувала и досега, додека пак тие го задржуваат правото на самоопределување. Преспанскиот договор, додава тој, ја регулира националноста/државјанството (која е правната врска меѓу државата и граѓанинот), а не етничката припадност, и затоа, според него, неточна е тезата дека со ратификација на Договорот Грција имплицитно признава македонско малцинство.

Во писмото, грчкиот амбасадор конкретно го истакнува и членот 4 параграф 3 од Преспанскиот договор, според кој Македонија се обрзува на ниеден начин да не се меша во внатрешните работи на Грција. Токму во овој контекст, истакнува Карамицос-Цирас, Северна Македонија го измени членот 49 од својот Устав за да се однесува конкретно на поддршка на своите граѓани и дијаспора, а го избриша делот „поддршка за Македонците… во соседните земји“.

Во писмото, амбасадорот бара истото да биде објавено за да се „исправат фактите“ и изразува надеж дека истите ќе бидат земени во предвид при идните репортажи на информативниот сервис.

Репортажата на BBC ја раскажува приказната на еден 92-годишен Македонец од Грција за историјата, асимилацијата и негацијата на Македонците од Егејот, бркањето на Македонците и преименувањето на топонимите, диктатурата на Метаксас и забраната на македонскиот јазик, како и судските прогони, затвори, закани и измачувања на луѓето во тој период доколку го говореле својот мајчин јазик. Можете да ја читнете и на ОФФ.нет.

- Реклама -