Берлин го прогласи 8-ми март за неработен

Најавите се остварија – Берлин станува првата сојузна покраина во Германија која Меѓународниот ден на жената – 8-ми март, го прогласи за неработен ден и државен празник.

„Оваа одлука е силен сигнал за напредокот во процесот на постигнување рамноправност меѓу мажите и жените“, вели Дери Каглар – претставничка за полова рамноправност од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во градскиот сенат и сојузната покраина Берлин.

Партиите CDU, FDP и AfD ја критикуваа одлуката токму 8-ми март да биде прогласен за празник, бидејќи тие се залагаа за прогласување на Денот на реформацијата. Сепак, Зелените ја одбија таквата идеја, со образложение дека тоа е верски празни само за протестантите, додека Денот на жената е „празник за сите жени“.

Претходно се побуни и Индустриската и трговска комора, од каде тврдат дека поради новиот неработен ден, кој почнува да важи уште од годинава, економијата ќе изгуби 0.3% од приходите.

Градот-држава Берлин е една од 16-те германски држави. Секоја од нив има право самостојно да прогласува свои државни празници. Така на пример, досега Берлин имаше четири помалку празници од Баварија, каде имаше вкупно 13 неработни денови. Во државите кои се традиционално „покатолички“ има дури и повеќе, главно верски празници.

 

- Реклама -