Лада го пушта B-Cross во сериско производство

Додека целиот автомобилски свет го има насочено вниманието кон салонот во Париз, руската компанија АвтоВАЗ одлучи да привлече внимание и кон себе.

Од раководството на компанијата официјално објавија дека планираат да го пуштат во сериско производство кросоверот што како концепт беше претставен неодамна на салонот во Москва.

Во официјалното соопштение се вели дека е донесена одлука за отпочнување на проектите BM-Hatch и теренска верзија B-Cross. Тоа се случило на состанокот на одборот на директори на автомобилскиот гигант, за време на салонот во Париз.

„Во претставувањето на бизнис плановите до 2020 година доставивме до врвот на Алијансата програма за развој, се разбира со сериозна помош и инвестиции од нашите партнери. Ова ќе ни овозможи уште во 2014 година да пуштиме во приозводство нова генерација мотори Н4 во фабриките во Тољати и Ижевск“ , објави претседателот на одборот на директори на АвтоВАЗ, Сергеј Чемезов.

Иако нема подетални информации кога точно ќе се случи тоа, наскоро се очекува сериско производство на кросоверот Lada X ray, која беше еден од хит изданијата на салонот во Москва, на почетокот на минатиот месец.

Се очекува возилото, сепак  да претрпи некои промени во споредба со прототипот, кој дебитираше во руската престолнина, но генерално ќе биде задржана новата линија на дизајнот, кој Русите го преземаат и за другите свои модели.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -