Сараево со најзагаден воздух во светот? Ма не, до ќебапите било

На итната седница на Собранието на кантонот Сараево, кое Американската амбасада пред неколку дена го прогласи за град со најголемо загадување на воздухот во светот, надлежните дискутираа и за тоа колку се релевантни податоците од мерниот инструмент на амбасадата и дали тоа е доволна основа Сараево да биде прогласен за најзагадениот град во светот.

Според министерот за просторно уредување, градење и заштита на околината на Сараевскиот кантон – Чедомир Лукиќ, во фамата по соопштението на амбасадата, која ја мери загаденоста на воздухот во Сараево, голем удел имале и медиумите. Лукиќ оцени и дека малите ложишта се најголеми загадувачи, па потребно е да се направи нова анализа која ќе го покаже реалниот процент на уделот на сообраќајот во квалитетот на воздухот.

На седницата се обрати и членот на стручното тело за спроведување на планот за интервентни мерки во кантонот Сараево – Пламенко Тајс, кој во однос на податоците за загаденост на воздухот објавени од американската амбасада искоментира:

„Дали сме најзагадени – не сме. Дали се загадени – сме. Местото на поставување на анализаторот на американската амбасада е многу спорно, поради еден значаен извор на загадување кој се наоѓа во близината – ќебапчилница. Таа многу често емитува сериозно многу (загадување) кон американската амбасада. Самата локација и начинот на прикажување на резултатите на американската амбасада не се во склад со нашите стандарди“, истакна Тајс.

Еден од оние кои ја искоментираа констатацијата на Тајс, и тоа доста иронично, беше и Звонко Мариќ – застапник на Сојузот за подобра иднина:

„Не сум задоволен од одговорот кога е во пршање седницата и смислата на одржување на оваа седница. Но во однос на овој вториов истап на господинот Тајс, се надевам дека сфатија во американската амбасада, како што и ние овде сфативме, дека причината е кебапчилницата. Не знам која е смислата да расправаме и понатаму кога ете најпосле ја откривме причината за загаденоста на воздухот“.

- Реклама -