Тајсон, Холифилд, Ленокс Луис и Џорџ Форман прогнозираат кој ќе победи – Вајлдер или Фјури?

Рано наутро во недела, некаде околу 6 часот по наше време, во Лос Анџелес ќе се одлучува кој ќе биде новиот светски шампион во тешка категорија во ВБЦ – Тајсон Фјури или Дионтеј Вајлдер. Едно е сигурно, еден од нив ќе мора за првпат да го вкуси поразот, бидејќи и двајцата досега се непоразени – Фјури во 27, а Вајлдер во 40 борби.

Интересно е како некогашните шампиони го коментираат дуелот. Да видиме кои се нивните прогнози:

МАЈК ТАЈСОН е убеден дека ќе победи Британецот Фјури:

„Иако Вајлдер удира силно, ништо не може да се спореди со менталната сила на Фјури, како во рингот, така и надвор од него. Ќе биде тоа тесна и неизвесна борба, но мислам дека Фјури навистина има добри шанси да победи“, вели најмладиот светски шампион во тешка категорија.

И ИВАНДЕР ХОЛИФИЛД е на иста линија со Тајсон (иако Тајсон му го одгриза увото):

„Фјури е преполн со трикови, има многу квалитети. Има долги раце, незгоден е за борба, има одлични рефлекси и опасен е од контра. Тој мора да ја преземе иницијативата. Досега беше доминантен во сите борби, очекувам таков да биде и со Вајлдер. Ако нештата станат гадни, Фјури има поголеми шанси. Сепак, Вајлдер би можел да ја развлече борбата, би можел да ја заврши работата до крајот на 12. рунда“, смета Холифилд.

ЛЕНОКС ЛУИС вели дека зависи од тоа колку ќе трае борбата:

„Ако мечот потрае, тогаш поголеми шанси има Фјури, а ако биде краток, тогаш шансите се на страна на Вајлдер. Ова е епска борба и невозможно е да се предвиди што ќе се случува. Едвај чекам да почне“, вели Британецот.

ЏОРЏ ФОРМАН, пак, типува на Фајлдер:

„Јас сум голем фан на Вајлдер, но импресиониран сум од тоа како Фјури избегнуваше удари на мечот со Владимир Кличко. Прогнозирам дека борбата ќе трае 12 рунди. Фјури ја има висината, но мислам дека Вајлдер ќе победи на поени, ама тесно“.

- Реклама -