Можело бетер и од Роналдо… Што мислите, кој играч го претставува скулптурава?

Иако скулпторот доби втора шанса, утката од статуа што требаше да го претставува Роналдо уште долго ќе се памти. Иако авторот во меѓувреме направи подобра, оваа првата, како што самиот раскажа, му го уништи животот. А каква ли ќе биде судбината на Маи Абдел Алах?

Маи Абдел Алах е египетска скулпторка и веројатно ја чека истиот срам што го претрпе Емануел Сантос – скулпторот на бистата на Роналдо. На Светскиот форум на млади, кој се одржува во Шарм Ел Шеик, Абдел Алах изложи статуа која би требало да го претставува… погодувате, најдобриот египетски фудбалер – Мохамед Салах.

Како што и самите гледате, единствено на статуата што потсетува на египетскиот фудбалер е карактеристичната прослава на головите со раширени раце. Сé друго, фановите ширум светот (и социјалните мрежи, се разбира) го прогласија за утка – од афрото што повеќе потсетува на Марсело, па до несразмерно големата глава во однос на телото, што прави ова повеќе да изгледа на карикатура.

И додека на интернет се дискутира која од двете статуи – Роналдо или Салах, е погрда, Мохамед Салах засега никаде го нема да даде свое мислење. А и што би рекол, освен дека, поучени од искуството на Сантос, тешки денови ја чекаат и скулпторката Абдел Алах?

- Реклама -