Кинезите ќе лансираат вештачка месечина, ќе штедат струја

Кинеските научници планираат да лансираат вештачка Месечина. Да, вештачка Месечина, и тоа најдоцна до 2020-та година. Целта е така да осветлуваат еден од своите најголеми градови.

Сателитот во облик на месечина ќе има за цел да го замени уличното осветлување и да ја намали потрошувачката на електрична енергија за, како што пресметале, дури 1.2 милијарди јени (околу 10.7 милијарди долари). Се претпоставува дека вештачката Месечина ќе светне над Ченгду, главниот град на провинцијата Сичуан.

Вештачкава ќе биде 8 пати посјајна од природната Месечина, ама и 1.2 пати посветла од уличното осветлување. Ако овој проект се покаже успешен, уште многу такви ќе ја прекријат Кина.

Од друга страна, постои загриженост околу тоа како вештачката Месечина ќе влијае на луѓето и природата, особено на животните кои се активни ноќе. Затоа, пред да засвети над некој од градовите, сателитот ќе биде тестиран во ненаселена пустина.

Во 1993 година, патем, руски научници се обидоа да направат нешто слично, па на небото лансираа рефлектор со дијаметар од 20 метри, кој требаше да работи на принципот на огледало и да рефлектира сончеви зраци назад на Земјата. Планот, сепак, пропадна, бидејќи рефлекторот не функционираше како што беше замислено.

Ваквите идеи не им биле страни ни на нацистите. Тие, на пример, сакале да направат вселенско огледало кое ќе ги фокусира зраците на Сонцето кон Земјата, и така да пржат градови како со лупа. Повеќе за тоа прочитајте ТУКА.

Патем, идејава на Кинезите веројатно само ќе им додаде гориво на теориите на заговори според кои и оваа Месечината што ние ја гледаме е вештачка творба (направена од вонземајни, рептили, илуминати или што ти веќе не…).

- Реклама -