Нуклеарките на САД и Северна Кореја се пиштоли на вода во споредба со тоа што Германците можеа да го имаат ако успееја нацистичките планови за оружјето што тие го нарекуваа „Sun Gun“ (Сончев пиштол).
Во Life magazine на 23 јули 1945 излезе статија насловена „Германското вселенско огледало“. Во статијата, анонимни американски воени експерти откриваат дека нацистите имале план да конструираат баш такво извонредна оружје. Составено од рефлективен благо конкавен диск со дијаметар од околу 1.6 километри, таквото огледало би ги фокусирало сончевите зраци кон непријателските градови – и би ги изгорело. Слично како кога горите мравки со лупа, или со огледало им рефлектирате сонце на луѓе по улица од петти спрат.
Според НАСА, концептот за вселенско огледало го смислил германскиот ракетен научник Херман Оберт во 1923 година. Првично огледалото бил замислено за добротворни и корисни цели, на пример осветлување на пристаништа или одмрзнување на замрзнати реки. Подемот на нацизмот во 1930-тите, сепак, ќе го претвори проектот во потенцијално оружје за масовно уништување.
„Моето вселенско огледало“, пишува Оберт, „е како џебните огледала кои учениците ги користат за да светат кругови од сончева светлина на таванот на училницата. Ненадеен зрак кон лицето на учителката може да предизвика непријатни реакции“. Не се откажал од оптимизмот дека проектот ќе стане реалност сé до 1957 година.
Не постојат било какви шеми што покажуваат како нацистите би го изградиле огледалото, но според Оберт, изградбата можела да биде завршена за 10 – 15 години. Според Life, огледалото требало да пристигне во вселената во готови делови и да биде склопено „на лице место“, прво со поставување на метални кабли во форма на пајакова мрежа, на кои една по една ќе се монтираат индивидуалните ќелии што ќе го сочинуваат огледалото. Во теорија, се сметало дека во огледалото би можел да живее и човечки екипаж. Би се хранел од илјадници растенија од тиква, а членовите би носеле магнетни чевли за да се изборат со отсуството на гравитација. „Шлем би бил задолжителен, за да се избегнат невнимателните удари во таванот“.
Life на крајот целосно ја отфрла идејата за орбитален соларен смртоносен зрак како неизводлива. Шемата, велат, „физички е невозможна, според едноставната аксиома на оптиката: дека светлината не може да биде сведена во остар, насочен фокус со леќи или огледала, освен ако не доаѓа од остра, фокусирана изворна точка. А бидејќи Сонцето не е точка, туку на небото изгледа како диск, најдоброто што некој оптички систем може да го направи е да рефлектира/продуцира слика од овој диск… На дистанцата предложена од Германците – на оддалеченост од скоро 5 км од Земјата, сликата на Сонцето што би се рефлектирала на земјата би имала дијаметар од околу 64.5 километри, и не би била доволно жешка за да направи било каква штета.
Оберт, меѓутоа, сметал поинаку. Огледало со површина од skoro 13.000 km², сметал тој, на површината на Земјата ќе рефлектира светла, загреана „точка“ со површина од околу 5170 km². Оваа светлина и топлина, признавал Оберт, нема да биде посилна од таа нормалната на Екваторот“. Меѓутоа, тврдел научникот, „ако огледалото е два пати поголемо од споменатата големина, ирадијацијата ќе биде 4 пати посилна. Температурата на површината би достигнала 200 степени Целзиусови. Тоа можеби не е доволно да стопи градови или да разнесе бродови, ама е доволно топло за сé живо да поцрка од горештина (особено кога знаеме дека и 45°C се доволни да ни го отежнат функционирањето).
По војната, Оберт се обидел да убеди и други нации да ја спроведат идејата, повторно промовирајќи го вселенското огледало за корисни намени. Во интервју во 1961 година, им предложил на САД да изградат огледало со дијаметар од 775 километри, способно да ја тераформира Земјата, а изградено од материјали од Месечината, за да се намали трошокот.