Руската амбасада го прекори „Гардијан“

Одбивањето на македонските гласачи да ја прифатат промената на името на нивната земја се чини, на прв поглед, како прашање од чисто локален интерес. Но на резултатите од неделниот референдум нашироко ќе се гледа како на значајна победа за Владимир Путин, како на голем чекор наназад за ЕУ и НАТО, но и како на уште еден вознемирувачки пример за способноста и желбата на Русија да влијае врз демократските процеси во западните земји“, пишува британски „Гардијан“, објаснувајќи дека целта на Русија е спречување на западното влијание.

Во духот на воведот, понатаму во текстот The Guardian наведува и дека Зоран Заев ќе продолжи да притиска за спроведување на Договорот – но дека го чека „силен отпор од националистите“, како и дека руските методи во Македонија биле многу слични со американските претседателски избори во 2016-та: дезинформативни кампањи, лажни вести, сајбервојна и хакирање, лажни Фејсбук и Твитер профили и тајни исплати во кеш – „сите наводно биле користени“.

Денес, ден подоцна, на изнесеното реагираа и од руската амбасада во Република Македонија, на официјалниот Твитер профил:

„Драг Гардијан (и други западни мејнстрим медиуми), обвинувајќи ја Русија за неуспехот на референдумот во Македонија, вие или докажувате дека имате недостиг на експертиза, или намерно го потценувате македонскиот народ. Ниту едното, ниту другото, се во полза на вашата репутација“, стои во твитот.

 

- Реклама -