Заев: Референдумот ќе ја зацврсти независноста

Премиерот Зоран Заев, на денешната промоција на кампањата „Заедно ЗА европска Македонија“ изјави дека со гласањето „за“ на 30 септември, се зацврстува независноста на нашата држава.

Тој е убеден дека македонскиот народ ќе гласа за европска иднина на Македонија. Премиерот нагласи дека референдумот е настан со историски пропорции, кој ќе влијае и на нашата, но и на иднината на нашите деца и внуци.

– Јас сум убеден дека и ВМРО-ДПМНЕ која е долго време поборник за нашата интеграција во ЕУ и НАТО има силни причини да се приклучи. Знам дека и ВМРО-ДПМНЕ се за европска Македонија, како што знам дека не се согласуваат со постигнатиот договор со Грција. Критикувајте не за договорот со Грција, но немојте да ја пропуштите оваа шанса нашата земја да стане членка на НАТО и ЕУ. Оваа шанса е неповторлива. Ние можеме да имаме политички разлики и да продолжиме со нашите секојдневни политички битки – ѝ порача Заев на опозицијата.

Во текот на кампањата, македонскиот народ ќе биде тековно информиран за сите придобивки од евроатлантските интеграции, односно членствата во ЕУ и НАТО. Придобивките ќе ги почувствува секоја општина, секое семејство и секој поединец, граѓанин на Република Македонија.

- Реклама -