Audi развива синтетички горива

Баварскиот гигант објави дека во тек е изградба на погони, кои би требало да започнат со работа во текот на 2014 година, во кои според посебен метод ќе се произведуваат нови видови на синтетички горива, наречени e-gas.

Како што истакнуваат стручњаците на Audi ова нема никаква врска со 100-октанскиот синтетички бензин С3, кој се користел како гориво за авионските мотори во текот на војната, туку станува збор за сосем нов еколошки и мошне прифатлив метод.

Audi развива начин како со помош на CO2, кој инаку би завршил во атмосферата, може да се произведе гориво. Со овој метод, исто така, се користат долги (до 100 метри) проѕирни цевки кои содржат вода (солена или отпадна), како и генетски модифицирани цианобактерии (модрозелени алги). Кога се изложени на сонце и јаглерод диоксид, овие фотосинтетички организми произведуваат нешто што во Audi го нарекуваат e-ethanol и e-diesel. Значи, CO2 кој се создава во текот на согорувањето на фосилните горива со овој метод може да биде употребен за производство на ново гориво.

Благодарејќи на ваков процес во Audi наведуваат дека бензинскиот и дизелскиот автомобил задвижуван од мотор што ќе користи синтетичко гориво, во текот на својот век во атмосферата би испуштале исто толку СО2 колку и едно хибридно возило.

На крајот, како и во секоја еколошка приказна има едно „ама…“. Имено, за да се „нахрани“ флота од 50 милиони возила, производителот би требало да направи голем број фабрики. Затоа Германците најавуваат изградба на фабрики и во пустини.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -