Натпреварот на Реал Мадрид одложен поради саботажа

Натпреварот меѓу Рајо Ваљекано и Реал Мадрид закажан за синоќа не се одигра поради саботажа, откако беа скинати каблите што водат кон рефлекторите на едната трибина на стадионот на Рајо.

Веднаш беше обелоденета и причината за ваквиот развој на настаните, откако шпанските медиуми открија дека челниците на Рајо Ваљекано побарале дополнителни 25 евра од навивачите коишто имаат сезонски билети, за да можат да го следат дуелот на своите миленици со актуелниот шампион на Шпанија.

Навивачите најавија бојкот и го исполнија тоа ветување, но дел од нив очигледно отидоа и чекор понапред во однос на останатите и решија да го саботираат натпреварот, нанесувајќи му на тој начин штета на својот клуб.

„Шокирани сме од она што се случи, уште повеќе бидејќи станува збор за наши сопствени навивачи, кои ќе бидат откриени по прегледувањето на видео-снимките од обезбедувањето на стадионот. Не можеме да поверуваме дека вакво нешто ни се случи поради 25 евра“ изјави претседателот на Рајо Ваљекано, Раул Мартин Преса.

Шпанската Фудбалска Федерација одлучи одложениот натпревар меѓу двата мадридски ривали да се одигра вечерва со почеток во 19.45 часот, а се очекува на трибините да има само навивачи на гостите, со оглед на фактот дека домашните фанови најавија целосен бојкот на мечот.

- Реклама -