Каде исчезна островот со 22 милијарди барели нафта? ЦИА, во тебе гледаме

Островот Бермеја се наоѓаше, барем до 1997 година, во Мексиканскиот Залив, на 22 километри северозападно од полуостровот Јукатан и 150 километри од атолите Scorpio. Меѓутоа, веќе го нема.

Картографите го регистрираат островот уште од 16-от век. Една португалска мапа од 1535 година, која денес се чува во Фиренца, исто така го покажува островот. Во својот извештај „Јукатан и блиските острови“ го спомнува и Алонсо де Санта Круз, а опишан е и од морепловецот Алонсо де Чавез во 1540 година.

Меѓутоа, веќе од 1844 година, некои мапи не го прикажуваат островот, што го доведува во прашање неговото денешно постоење, особено што во 1997 година и експедиција на самата мексиканска морнарица не успева да го лоцира.

А островот е и тоа како важен, како за Мексико, така и за САД, бидејќи е централен дел на едно важно политичко прашање. Бермеја се смета за формално разграничување меѓу мексиканските и американските води, а е во основата и на билатералниот мораториум на извлекувањето нафта на тоа подрачје, потпишан од двете земји во 2000 година.

Според договорот, прекинот на извлекување нафта требаше да трае сé до 2011 година, но уште во 2009-та мексиканските медиуми изразија загриженост околу ненаоѓањето на островот.

Постојат две теории за тоа што можело да му се случи на островот, чија површина изнесувала 80 километри квадратни.

„Можеби навистина виновно за исчезнувањето на островот е подигнувањето на нивото на морето предизвикано од глобалното загревање“, рече тогаш мексиканскиот политичар Елиас Карденас.

„Но можеби“, додаде тој, островот е разнесен од ЦИА, со цел Американците да се докачат што порано и до што поголема територија која располага со нафта, преку тоа што ќе го збунат Мексико околу границата.

Во прилог на вторава теза оди самиот исход од ситуацијата. Географскиот маркер што некогаш го претставуваше островот Бермеја, сега се островите Алакранес, а тоа значи дека значително е смалена мексиканската зона во тоа подрачје.

Еден од креаторите на билатералниот договор меѓу САД и Мексико – Мигуел Ангел Гонзалес Феликс, изјави дека островот е на 40-50 метри под површината на водата. Набрзо беше критикуван од неколку тогашни мексикански сенатори, кои во заедничка изјава рекоа дека „е невозможно островот да потоне туку така, без никој да забележи; па затоа таквото негово исчезнување со сигурност има некаква врска со тоа што лежеше на 22 милијарди барели нафта“.

Глобално загревање, таен проект на ЦИА, фатаморгана или нешто трето – веројатно никогаш нема да знаеме што се случи со Бермеја.

Express.hr

- Реклама -