Запленети скоро 400 килограми кокаин најдени во руска амбасада

Аргентинската полиција запленила скоро 400 килограми кокаин во просториите на руската Амбасада во аргентинската престолнина Буенос Аирес. Информацијата ја соопшти аргентинската министерка за безбедност – Патриција Булрих.

Уличната вредност на најдената дрога (389 килограми) се проценува на околу 50 милиони долари.

Како што објасни Булрих на конференцијата за новинарите, се работи за дрога на нарко-банда која се обидела да ја искористи дипломатската курирска служба на руската Амбасада за да ја прати дрогата во Европа.

Руската и аргентинската полиција ја започнале операцијата против наркотици откако рускиот амбасадор во Аргентина во декември 2016-та ја известил полицијата дека во амбасадата е најдена одредена количина дрога.

Во операцијата се уапсени пет осомничени. Двајца во Аргентина, од кои едниот е полицаец, и тројца во Русија, од кои едниот е дипломат, пренесува AFP.

- Реклама -